Прием на македонската кикбокс репрезентација во Агенцијата за млади и спорт

По повод големиот успех на македонската кикбокс репрезентација и освоениот златен медал на Светското првенство во Анталија, Турција директорот на Агенцијата за млади и спорт Александар Пујовски организираше прием за репрезентацијата.

Директорот Пујовски им го честиташе големиот успех и истакна дека македонската нација веќе претставува сериозен учесник на сите големи меѓународни натпреварувања и останатите репрезентации гледаат со респект кон Македонија.

Исто така, Пујовски додаде дека Агенцијата за млади и спорт ќе продолжи со вложувањата во спортот и понатаму ќе овозможува услови за развој на спортот и спортистите во Македонија.

Претседателот на Кикбокс федерацијата на Македонија Александра Неделковска заедно со репрезентативците се заблагодарија за приемот во домот на спортот и ветија дека ќе продолжат со успешните игри и дека ќе дадат се од себе, и наредното првенство да се вратат со повеќе златни медали.

Инаку кикбокс репрезентацијата освои еден златен медал и пет пласмани од 5 до 8 место и беше предводена од селекторите Димче Кичевски, Дејан Митровски и тренерот Драган Атанасовски.

Златниот медал го освои Димитар Ѓорѓиев – 74 кгр во кик лајт дисциплината, каде го повтори успехот од Светското првенство 2011 год. каде исто освои златен медал.