МЗТ Скопје 65-58 Црвена Ѕвезда

Серијата порази е веќе заборавена, мотивацијата во тимот на Зоран Мартич повторно е на највисоко ниво. МЗТ Скопје Аеродром одигра одлични 40 минути во Скопје против фаворизираната Црвена Ѕвезда за триумф од 65-58, прв во третиот меѓусебен дуел.

Тесен и неизвесен беше натпреварот во СЦ „Борис Трајковски“ во текот на сите 40 миунти, но кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром со подобра игра во завршницата ја заслужи победата над првопласираниот тим сезонава во АБА лигата. Кош-за-кош се играше во текот на целата прва четвртина, за на крајот на првото полувреме МЗТ да дојде до највисока предност од 36-28. Тренерот Зоран Мартич често ротираше со составот, давајќи им можност на сите 12 кошаркари кои ги имаше на располагање за натпреварот, вклучително и помладите играчи, кои добро ги поделија обврските, пред се во одбраната, сопирајќи ги квалитетните поединци во противничкиот тим.

Кејд Дејвис беше предводник на играта во нападот на МЗТ Скопје, а одлично во тимот се вклопи и новиот играч Маринковиќ, кој имаше впечатлива улога под кошевите заедно со Гечевски и Чековски. Домашниот состав го одржуваше едноцифреното водство и во третата четвртина, по што јасно стануваше дека уште еден натпревар на МЗТ ќе има крајно неизвесна завршница. Црвена Ѕвезда предводена од Џенкинс и Нелсон на средина од последниот период го превзема водството (52-49), но Маринковиќ, Синовец и Чековски постигнаа важни поени во серија. Во последната минута се влезе со изедначени 58-58, кога Стефан Синовец, кој инаку одигра добар натпревар иако имаше проблеми со реализацијата, погоди за прв пат од поле и донесе два поени предност за МЗТ. Добрата игра во одбраната и пресечените топки ја оневозможија Црвена Ѕвезда да врати, а до крајот Синовец со забивањето по контра го реши победникот. Слободните на Маринковиќ ги поставија конечните 65-58.

Кејд Дејвис со 19 поени, 5 скокови, 2 украдени топки и 1 асистенција беше најкористен играч кај МЗТ, каде пред се клучна беше добрата тимска игра. Двоцифрен според бројот на поени беше и Маринковиќ, додека поени постигнаа вкупно 10 од 12-те играчи во домашниот тим. Кај Ѕвезда, Нелсон постигна 13 поени, а поистакнати беа и Катиќ и Џенкинс.

Ова беше петта победа за МЗТ Скопје Аеродром сезонава во АБА лигата во 12-тиот одигран натпревар. Победата е особено важна за прекинување на серијата порази и враќање на победничките патеки. Во наредното коло од АБА лигата, МЗТ гостува на силниот Раднички во Крагујевац, додека во меѓувреме македонскиот состав го очекува натпревар со Уникс во Скопје во Еврокупот.