УЈП: Земјоделците да поднесат барања за паушално оданочување до 31 декември

Доколку обавувате земјоделска дејност и вашиот приход во 2013 година не надминува 1.300.000 денари, имате можност данокот на доход да го плаќате паушално. 

Паушалното оданочување можете да го користите, без разлика дали земјоделието претставува ваша основна дејност или истата ја вршите како дополнително занимање. 

Изберете едноставно решение, кое го олеснува финансиското работење на земјоделците и ви овозможува да го плаќате персоналниот данок на доход еднаш во годината, без никакви дополнителни обврски за водење на деловни книги.

Што треба да направите за паушално да го плаќате данокот на приходите од земјоделска дејност?

Доколку не сте регистрирани во УЈП како даночен обврзник кој остварува приходи од земјоделска дејност, најдоцна до 31 декември 2013 година до даночната канцеларија на УЈП или по електронски пат преку https://etax-fl.ujp.gov.mk/ поднесете:

Пријава за регистрација на обврзниците кои остваруваат приходи од земјоделска дејност (образец “УЈП-РДО/З“)

Барање за паушално оданочување на остварени приходи од земјоделска дејност (образец “ПДД-ПЗ“)

Ако веќе сте регистрирани во УЈП како обврзник кој остварува приходи од земјоделска дејност, поднесете само Барање за паушално оданочување на остварени приходи од земјоделска дејност (образец “ПДД-ПЗ“).

Пријавата и барањето можете да ги преземете од веб страницата на УЈП http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/pregled

Колку данок ќе платите на Вашите приходи од земјоделска дејност?

Основа за пресметување на данокот претставува разликата помеѓу остварениот вкупен приход (во приходот не се вклучени примените субвенции) и признатите трошоци. 

Државата го стимулира земјоделието, па оттука за земјоделците кои ги исполнуваат условите за паушално оданочување се предвидени низа даночни поволности:

Целосно ослободување од плаќање на данок на доход, доколку Вашиот приход во 2013 година изнесува до 300.000 денари, од вршење на основна земјоделска дејност.

Доколку приходите кои сте ги оствариле од основна земјоделска дејност се движат над 300.000 денари до 1.300.000 денари, предвидени се даночни олеснувања во висина од 80% од остварениот приход, односно ќе платите данок само на 20% од остварените приходи (пр. Ако во 2013 година сте оствариле 1.000.000 денари, вашиот годишен персонален данок ќе изнесува 20.000 денари).

Доколку вршите земјоделска дејност како дополнително занимање, предвидени се даночни олеснувања во висина од 80% од остварениот приход, односно ќе платите данок само на 20% од остварените приходи (пр. Ако во 2013 година сте оствариле 200.000 денари, вашиот годишен персонален данок ќе изнесува 4.000 денари).

Ослободување од плаќање на данок на доход за субвенциите кои ви ги доделила државата.

За повеќе информации преземете ја брошурата „Паушално оданочување на приходи од земјоделска дејност” и контaктирајте ја УЈП преку е-пошта: info@ujp.gov.mk или Инфо центарот 0800 33 000.