СДСМ изразува незадоволство поради политичкиот реваншизам кој се спроведувал од страна на општинската власт

 ОО на СДСМ Охрид јавно го изрази своето незадоволство поради како што велат политичкиот реваншизам што се спроведувал врз вработените од страна на општинската власт во единицата за локална самоуправа и по јавните претпријатија.

 „Со измените на актите за внатрешна организација и систематизација на работните места во општината и по јавните претпријатија, извршени од страна на управувачката и раководната структура на ДПМНЕ, општинската власт си зеде за право да спроведува чистка од политички причини. На вработените секојдневно им се делат нови решенија, со кои се врши нивно несоодветно прераспоредување на други работни места, без било какво логично образложение или издржана причина за тоа. Промената на работните места кај одредени работници не се одвива според неопходните економски, технолошки или оперативни критериуми, туку исклучиво според нивната политичка и партиска припадност, или, поточно речено, неприпадност кон владеачката партија“. – истакна на денешната прес-конференција  портпаролот на ОО на СДСМ Охрид, Александар Кузески.

 Како што рече Кузески, одреден број на вработени лица во државната и јавната администрација во Општина Охрид биле обесправени, само поради тоа што не размислувале исто како и нивните работодавачи, при што тоа немало никаква врска со работата, туку  исклучиво било поврзано со политичката определба и партиската припадност на работниците.

 „На тој начин, Локалната власт на ДПМНЕ јасно ги покажува своите намери да се пресмета со политичките неистомисленици на еден крајно груб, непрофесионален и нечовечен начин. Упатената порака од ДПМНЕ до административците во  локалната самоуправа и по јавните претпријатија во Охрид им е јасна на сите – или ќе бидат со ДПМНЕ и ќе работаат за нив, или ќе следи смена од работното место, принуден одмор. Единствената цел на ваквите закани, манипулации и игранки на локалната власт е политички реваншизам врз неистомислениците, но и создавање можности за целосно нетранспарентен и крајно непотребен прием на нови партиски војници на ДПМНЕ на работа во државната и јавната администрација.“ – додаде Кузески.

 На прес средбата ОО на СДСМ Охрид  ја извести јавноста дека  решително и на секој легален начин ќе се спротивстави на ваквите примитивни и недемократски појави и ќе им даде правна заштита на обесправените и оштетените административни работници.