Прегледи за рано откривање на болести на срце, бубрези и дијабетес

Еден милион и 200 илјади граѓани во следните две години ќе бидат повикани од своите матични лекари да направат превентивни прегледи за рано откривање на кардиоваскуларни и бубрежни заболувања и дијабетес.

Оваа превентивна мерка чие спроведување ќе започне од 1 јануари следната година денеска на прес-конференција ја соопштија портпаролот на Владата Алексндар Ѓорѓиев и директорката на Фондот за здравствено осигурување Маја Парнарџиева Змејкова.

Владата за оваа намена одвоила околу 20 милиони евра, односно по 10 годишно, рече Ѓорѓиев.

Превентивниот преглед што ќе се реализира на повик на матичниот лекар содржи испитувања на анализа на крв и урина, ЕКГ, мерење на тежина, а пациентите односно граѓаните ќе треба да пополнат и прашалник што Фондот го изработи заедно со соодветните здруженија на лекари.

„Прегледот кај матичниот лекар останува бесплатен и понатаму, а она што ќе биде трошок за осигуреникот е плаќање на партиципација за крвна слика и урина, тоа се 40 денари вкупно“, изјави Парнаџиева Змејкова.

Парнарџиева Змејкова потенцира дека мерката се презема со цел рано откривање на овие заболувања од една страна, а од друга страна ќе значи секундарна превенција за оние што веќе имаат здравствени проблеми. Владата и Фондот апелираат до осигурениците да не го игнорираат повикот од матичниот лекар.

Вакви систематски испитувања на здравствената состојба на граѓаните се прави првпат и со него ќе се обезбедат информации, односно индикатори за тоа колку е здрава нашата популација и ќе помогне за планирање на следните политики и трошоци на ФЗОМ.

„Скринингот ќе овозможи добивање на статистички податоци за квалитетот на здравјето на населението во Република Македонија, како и мерливите индикатори со кои споредуваат развиените земји во светот. Тие индикатори се: бројот на пушачи по возраст и пол, население со зголемена телесна тежина, со зголемен крвен притисок, со измерени масти и шеќер во крв, можност за рано откривање бубрежно болни“, вели директорката на ФЗОМ.

Кардиоваскуларните, бубрежните заболувања и дијабетесот се трите најчести незаразни болести на светско ниво, најмногу лица заболуваат од нив и се прават најголеми трошоци. Смртноста од кардиоваскуларни болести е број еден, секое 12-то лице од вкупно 100 има некаква бубрежна болест, а секој петти од 100 има дијабетес.

Кај лицата кои се здрави се советува да продолжат со здравиот начин на живот, како и редовно да го проверуваат своето здравје, како што рече директорката Парнаџиева Змејкова, додека за заболените се препорачува редовно следење на нивната здравствена состојба кај матичниот лекар, редовно упатување на прегледи кај специјалисти согласно медицина  базирана на докази, со цел следење на квалитетот на терапијата која ја примаат за определеното заболување и спречување на влошување на болеста. Заедничко за трите заболувања е оштетување на крвните садови, а последиците и компликациите од нив се надоврзуваат и освен хипертензија, коронарна артериска болест, мозочен удар, доведуваат и до дијабетично стапало и катаракта, оштетена гломеруларна филтрација која завршува со дијализа и потреба за трансплантација на бубрег.

За поедноставно следење на и реализација на овие превентивни активности ФЗОМ ќе изработи софтвер за регистрација на пациентите, следење на нивната здравствена состојба и ќе биде потсетник како за лекарите така и за самите пациенти за извршување на периодични прегледи согласно медицината базирана на докази.

Очекувањата, според Парнаџиева Змејкова, се јакнење на свеста за сопственото здравје.

Портпаролот на Владата Ѓорѓиев на денешната прес-конференција, исто така, соопшти дека Маја Парнарџиева Змејкова е повторно избрана за директор на ФЗОМ од страна на Владата врз основа на распишан јавен оглас.