СВР продолжува со акцијата за пронаоѓање на исчезнатото девојче од Лешани

Рано утрово, СВР Охрид отпочна уште една акција за преглед  на  поширокиот  планински предел во општината Дебарца. Денешната акција се реализира во атарот на селото Велмеј, а се спроведува по наредба на јавен обвинител од Охрид.

Оваа полициска активност е поврзана со пребарување на планинските места за пронаоѓање на исчезнатата малолетна девојка од селото Лешани, која во СВР Охрид  на 12-ти ноември минатата година беше пријавена како исчезнато лице од страна на нејзиниот татко.

Денес, СВР Охрид врши пребарување на поширокиот планински појас околу местото викано „Натнасер бачила“  и околните предели во атарот на селото Велмеј. Акцијата започна рано утрово, а во неа учествуваат повеќе полициски службеници од полициската станица Охрид. 

СВР Охрид, во изминатиов период презеде неколку вакви пошироки акции за пребарување на планинските предели над селото Лешани и околните села како и во планинскиот појас во правец на Славеј планина.