Самооданочување и електронско поднесување на биланси за трговците поединци и самостојните вршители на дејност

Со измените во Законот за персоналниот данок на доход и Законот за даночна постапка („Службен весник на РМ“, бр. 187/13), се воведуваат следните новини за трговците поединци и самостојните вршители на дејност (нотари, адвокати, стоматолози, занаетчии, сметководители, уметници и др.):

  • Самооданочување за персоналниот данок на доход, односно аконтацијата на персоналниот данок се плаќа до 15-ти во тековниот за претходниот месец, во износ од 1/12 (една дванаесттина) од пресметаниот данок во Годишниот даночен биланс (ПДД-ДБ).                Напомена: Аконтацијата на персоналниот данок за месец јануари 2014 година треба да се плати во висина на платената аконтација за месец декември од 2013 година.
  • Задолжително електронско поднесување на даночни биланси за персонален данок – за остварената добивка или загуба од работењето за 2013 година, задолжително треба да се поднесат по електронски пат преку https://etax-fl.ujp.gov.mk – Билансот на приходи и расходи (Б) и Годишниот даночен биланс (ПДД-ДБ), најдоцна до 15 март 2014 година.

Доколку трговците поединци и самостојните вршители на дејност, покрај приходите од вршење на самостојна дејност во 2013 година, остварилe и други приходи, имаат обврска да поднесат и Годишна даночна пријава (ПДД-ГДП), најдоцна до 15 март 2014 година.

Казни за неподнесување на даночни пријави

На даночните обврзници кои нема да ги достават даночните биланси и пријави во законски предвидениот рок до 15 март 2014 година, Управата за јавни приходи ќе им изрече глоба за сторен прекршок во износ од 500 до 1000 евра во денарска противвредност.