Во Шпанија спречен обид за шверц на кокаин скриен во перика

Шпанската полиција уапси две жени на мадридскиот аеродром Барахас, а под периките кај секоја од нив пронашла повеќе од килограм кокаин, соопшти министерството за внатрешни работи на Шпанија.

Двете Португалки, на возраст од 18 и 28 години, уапсени се во два различни денови, по излегувањето од авионот од Сао Паоло.

Тие ја носеле дрогата завиткана во шест пакетчиња, залепени под влакната од периката. Под секоја перика полицијата пронашла по 1,2 килограми дрога.

Новиот метод за криумчарење на дрога е добро изработен, а со тоа е многу тешко да се открие, бидејќи периките изгледаат како вистинска коса, истакнуваат од полицијата.

Шпанија е клучна дестинација за влез на кокаин во Европа поради блиските врски со Јужна Америка.