МСО: Тунтев, Станкоски и Хајба со најголем број излагања, Точко, Здравеска и Петреска без ниту едно излагање во 2013 година

Со цел да придонесе кон зголемена транспарентност, отчетност и добро владеење на локалната самоуправа и подигнување на свеста на  граѓаните за работата на  Советот на Локалната Самоуправа на Општина Охрид, Младински Совет Охрид, во периодот април-декември 2013 година ја спроведе 5тата фаза од проектот “Стандарди за одржливост на одговорноста, транспарентноста и кооперативноста на локалната самоуправа” што е продолжение на проектните активности за набљудување на работата на Советот кој се спроведува од месец јануари 2011 година.

„Во периодот на набљудување, според официјалните записници од одржаните седници на совет, евидентно е дека  најголем број излагања на седниците на советот на општина Охрид имал советникот Томислав Тунтев кој има 80 излагања, но треба да се земе во предвид дека тој е и координатор на советничкита група на коалицијата предводена од СДСМ. По него доаѓаат: Јоне Станкоски со 42 излагања и Верица Хајба со 39 излагања. Без ниту едно едно излагање, согласно официјалните записници, се советниците: Јованка Точко, Јадранка Василевска Здравеска и Славица Петреска.“ – информираат од МСО Охрид.

Во овој период усвоени се вкупно 418 предлог одлуки  со вкупно 495 точки на дневен ред, а до Градоначалникот поставени биле вкупно 36 советнички прашања од кои по две поставиле Јованка Точко, Дејан Паноски, Сашо Донев, Љубомир Чаулев, Јадранка Василеска Здравеска, Илијат Ибраим,  Славица Петреска, Коста Трифуноски, Јован Стојаноски, Јоне Станкоски, Павел Попоски, а додека по три прашања советниците Климе Шешоски, Ангел Јанев, Томислав Тунтев, Жаклина Лазареска и Љупчо Настоски. Илија Арнаудоски има поставено едно прашање, а без советнички прашања на единствената седница од ваков вид се советниците Оливија Пирузева Јанева, Александар Калачоски, Дејан Блажески, Верица Хајба и Кујтим Усеини. Во овој период не е поднесена ниту една иницијатива, а прашањата се поставени само на една единствена седница за советнички прашања, иако истите можат да се поставуваат усно и писмено, помеѓу две седници на Советот.

„Општа констатација, во петтиот дел на анализите правени од официјалните записници е дека квалитетот на подготовката на записниците е на исто ниво како и од предхгодните циклуси. Кога се споменува квалитетот на записниците се мисли на информациите во однос на излагањето на Советниците, за што може да се каже дека ги задоволува основните стандардни, но на жал од добиените записници, односно од начинот на кој се водени истите,  и овој пат не можевме да направиме комплетни анализи, согласно поставените параметри, па така отсуствуваат следните податоци :

– во насловот недостасува информација за каков вид на седница станува збор: редовна, вонредна, итна, свечена, продолжение на некоја седница и сл.

– нема место на одржување, односно не се наведува локацијата каде седницата на советот е одржана

– при евиденцијата на присуство на седници се наведува САМО бројот на присутни советници, но не се наведуваат имињата и презимињата на присутните советници 

– во записниците не може да се види кои надворешни лица присуствувале на седницата, бидејки не се заведени со име, презиме и функција

– во случај член на совет да дојде на седница или да замине од седницата во текот на нејзиното одржување, истото не се евидентира во записникот

– нема информација дека председателот на совет (лицето кое ја води седницата) констатира дали има/нема кворум за работа на седницата на совет, односно дека советот може  полноважно да одлучува според одредбите од законот, деловникот и статутот на ЕЛС, иако според бројот на присутни советници истото може да се претпостави

– како составен дел од записникот нема евиденционен лист за присуство на членовите на советот на седниците, кој го води општинската администрација врз основа на листата на присутни, а го пополнува секој советник пред почетокот на седницата

– во однос на евиденцијата на гласањето за усвојување на записник од претходно одржана седница на совет со или без дадени забелешки, гласање по однос на сите предложени измени и доолнувања на предлог- дневниот ред, гласање за усвојување на дневниот ред, гласања по разни основи во тек на расправа по точка од дневен ред, гласање за усвојување на точка од дневен ред недостасуваат голем број на информации при евидентирањето на бројот на гласови и тоа:

• број на ПРИСУТНИ  советници за време на гласањето

• број на советници (гласови) кои гласале ЗА, ПРОТИВ или ВОЗДРЖАНО

• број на советници кои се присутни, а НЕ учествувале во гласањето

– при објаснување по точка од дневен ред, се наведува функцијата и име и презиме на образлагачот/ образлагачите, но нема кратка содржина на излагањето односно не се наведени основните и главните поенти на излагањето. Ова најчесто се однесува кога се презентира одлуката по однос на одредена точка на Комисиите, при што се претставува само резултатот од гласањето по однос на некоја точка, а не и што се дискутирало по истото

– при затворање на седница не се внимава да се напише стандардната формулација за завршување на седница од совет, а исто така недостасува името на општината и датумот на оддржување на истата. 

При анализата на записниците, исто така не се земени во предвид излагањата на Претседателите или членовите на комисиите по однос на одредена точка од дневниот ред, затоа што при тоа само се презентира гласањето на членовите на комисијата и ставот на комисијата.

Записниците од оддржаните седници на советот на ЛС на општина Охрид не се објавуваат на интернет страницата на општината нити на огласните табли, а исто така не се дистрибуираат или истакнуваат во урбаните и руралните заедници.“ – велат од Младинскиот Совет.

Од Младинскиот Совет додаваат дека презентираните податоци не претендираат првенствено да се нападнат службите кои ги подготвуваат записниците, туку напротив да им се укаже на одредени недостатоци кои доколку би се отстраниле, записниците би биле поквалитетни. Исто така со податоците презентирани во овој извештај немаат намера да покажат кои се недостатоците во работата на советниците, туку спротивно, колку тие се успешни да одговорат на потребите на граѓаните, односно да ги поттикнеме во наредниот период да покажат подобри резултати.

  1. Томислав Тунтев: 80
  2. Јоне Станкоски: 42
  3. Верица Хајба: 39
  4. Сашо Донев: 36
  5. Дејан Блажески: 35
  6. Ангел Јанев: 27
  7. Јован Стојаноски: 24
  8. Жаклина Лазареска: 23
  9. Љубомир Чаулев: 21
  10. Оливија П. Јанева: 15
  11. Кујтим Усеини: 13
  12. Дејан Паноски: 12
  13. Павел Попоски: 11
  14. Љупчо Настоски: 7
  15. Александар Калачоски: 3
  16. Климе Шешоски: 3
  17. Илјат Ибраим: 2
  18. Коста Трифуноски: 1
  19. Илија Арнаудоски: 1
  20. Јованка Точко: 0
  21. Јадранка В. Здравеска: 0
  22. Славица Петреска: 0

„Претседателката на Совет, Гордана Коњановска има 32 излагања по однос на одредени точки од дневниот ред. Во оваа бројка од 32 излагања не се земени во предвид дискусиите при отварање, раководење и затварање на седници“. – стои во информацијата од Младински Совет Охрид, за спроведен мониторинг на работата на Советот на Општина Охрид, во однос на ангажманот на советниците и начинот на водење и подготовка на Записник.