СДСМ: ОК на ДПМНЕ од Охрид уште еднаш покажа крајно недостоинствен однос кон дел од нашите сограѓани

„Во предвечерјето на големиот христијански празник Василица, општинскиот комитет на ДПМНЕ од Охрид уште еднаш покажа крајно недостоинствен однос кон дел од нашите сограѓани. Таквиот однос е целосно во спротивност со сите христијански начела, критериуми и вредности. ДПМНЕ од Охрид вчера уште еднаш безмилосно и немилосрдно згазна на човечкото достоинство на голем број наши сограѓани, кои се изложени на милост и немилост на самоволието на раководните структури од партијата на власт.

Во општинските простории во с. Косел беа испратени десетина државни службеници од Локалната самоуправа, кои не се ни членови, ни симпатизери на ДПМНЕ, само поради политички реваншизам и партиска пресметка со неистомислениците. Да не е жалосно, многу смешно би било објаснувањето од локалната самоуправа дека целта на таквиот трансфер било доближување на општинските служби до жителите од  овој дел на општината. Се прашуваме – каква врска имаат жителите на Косел со одделението за соработка со збратимените градови или со одделението за управување со отпад?! Зошто ниту еден од преместените работници во Косел не е од редовите на ДПМНЕ, нивни симпатизер или некој од тазе вработените партиски војници на ДПМНЕ?! Зошто е потребно да се врши крајно тенденциозно шиканирање и малтретирање на работниците што не мислат исто како власта?! Дали е христијански и човечки да се испратат повеќе од десеттина колеги во една канцеларија, без соодветно греење, без вода, без канцелариски мебел и без било какви елементарни услови за нормално административно работење?!

И како да не им беше доста еден ваков мобинг, туку вчера раководните општински структури од ДПМНЕ уште се дрзнаа да вршат и невиден притисок врз вработените со договори за работа од Охрид. Стотици засегнати работници од државните установи, кои се ангажирани со договор за работа, беа на сила собрани во Центарот за култура „Григор Прличев“, каде што од страна на претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ Охрид им беше наложено да гласаат за ДПМНЕ на претстојните претседателски избори. И не само тоа, туку и да донесат уште по најмалку три гласа, доколку сакаат да го задржат работниот ангажман, односно доколку сакаат да се надеваат дека еден ден ќе добијат решение за работа. Дали од страна на Центарот за култура им беше наплатена една ваква злоупотреба на ДПМНЕ? Ова што во овие празнични денови се случува во Охрид е невидена срамота – општинските раководни структури на ДПМНЕ со закани и притисоци газат врз достоинство и честа на нашите сограѓани и бескрупулозно се поигруваат со нивните чувства и судбини.

ОО на СДСМ Охрид изразува длабоко жалење поради ваквото несовесно, нечовечко и недостоинствено однесување на политичкиот опонент, но истовремено изразува и решително несогласување и спротивставување кон ваквиот невиден партиско-политички терор врз сопствените граѓани.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Охрид, испратено до медиумите.