Охрид за Водици ќе биде центар во областа на културата, туризмот и медиумите

Во Куќата на Уранија во Охрид денеска беше отворена Втората меѓународна конференција за културно наследство, туризам и медиуми.

Конференцијата ја отвори професор доктор Рубин Земон од Институтот за социо-културна антропологија на Македонија, кој истакна дека овој настан кој ја собира научната јавност за Водици во Охрид ќе продолжи и во иднина.

„Одзивот на учесниците е задоволувачки. Имаме 61 учесник од 12 земји, 49 реферати, што е завидна бројка. Важно е што научници од Европа и пошироко доаѓаа во Охрид да презентираат научни сознанија од нивните истражувања во врска со заштитата и презентација на културното наследство преку медиумите и валоризација во туристички цели. Целта ни е Охрид овие денови, кога се празнува Водици и се доделува Светската награда на хуманизмот, да биде центар на Европа и светот во областа на културата, медиумите и туризмот“, – истакна Земон.

Обраќајќи се пред присутните, заменик градоначалникот на Охрид Ангел Јанев истакна дека радува фактот што Охрид има посебно место во таканаречениот културен туризам.

„Развојот на такавиканиот културен туризам е стартешка определба на Република Македонија и Охрид во којашто Охрид има посебно обележано место. Радува фактот што во последните години на промоцијата на македонското особено на охридското културно наследство му се обрзнува посебно внимание“, – рече Јанев.

Работниот дел од конференцијата ќе се одржува во хотелот „Белведере“ во Охрид. Институтот за социо-културна антропологија на Македонија го организира со поддршка на Универзитетот за аудиовизулени уметности ЕСРА од Скопје, МАНУ, охридскиот Завод за заштита на спомениците на културата, Општина Охрид и весникот „Капитал“.

Извор: Супер радио