Одржан шестиот Берлински самит на министрите за земјоделство

Во фокусот на годинешниот Шести Берлински самит на министри за земјоделство, кој денес се одржа во рамките на Глобалниот форум за храна и земјоделство, беше зајакнување на земјоделството кое ќе придонесе кон подобрување на здравјето на луѓето како и обезбедувањето на доволно храна и соодветна исхрана за населението.

Министрите на самитот заеднички се согласија дека достапноста до соодветна и разновидна храна за секој жител на планетата е предуслов за постигнување на оваа цел. А воедно се согласија дека земјоделството е стожер, бидејќи ги поставува темелите за производство на доволни количини здрава храна.

Реалната ситуација во светот е зголемување на недостигот на употребливи природни ресурси, негативното влијание на климатските промени, екстремните природни катастрофи и губењето на биолошката и генетската разновидност, како и плодност на почвата, што спречуваат потенцијалот на земјоделството целосно да биде искористен.

Исто така, економската и финансиската криза, како и зголемената нестабилност на земјоделските пазари, предизвикуваат несигурност. Сите овие фактори го загрозуваат понатамошното инвестирање во земјоделството, што за возврат може да ја намали ефикасноста на целиот систем на храна.

Покрај тоа, тешкотиите во справувањето со овие предизвици стануваат уште поголеми поради голем број на други фактори, како што се недостаток на знаење и искуство, недоволен пристап до образование и капитал, нееднакво учество на жените и мажите, и недоволната социјална сигурност соочени со брзиот раст на населението.
За справување со овие предизвици, министрите за земјоделство се договорија дека мора да има соработка и партнерство меѓу: политиката, општеството, индустријата и науката кои мораат заеднички да бидат одговорни за да се постигне целта за искоренување на гладот ​​и неухранетоста.

Затоа, министрите за земјоделство се согласија дека основна задача во идниот период е да се развие ефикасен, прилагодлив и еластичен земјоделски сектор кој се базира на три подеднакво важни елементи: разновидност, одржливост и продуктивност.

Одржувањето и користењето на разновидноста ќе помогне во зголемувањето на ефикасноста, адаптибилноста и отпорноста на земјоделството, што ги поставува темелите за производство на разновиднахрана, а последователно на тоа придонесува кон обезбедување на соодветна и здрава понуда на храна.

Одржливото земјоделство подразбира користење на природните ресурси, особено почвата и водата, на начин со кој ќе ги чува за идните генерации, што пак се важен елемент во подобрувањето на одржливоста и адаптибилноста на земјоделството, особено во поглед на климатските промени. Одржливото земјоделство и земјоделство прилагодено на климатските промени, обезбедува континуиран придонес кон искоренувањето на гладот ​​и неухранетоста во светот, како и стабилна основа и сигурни приходи за оние кои работат во земјоделството.

На глобално ниво, земјоделството мора да го зголеми своето производство и да ги намали загубите, со цел да се задоволи побарувачката на растечката глобална популација. Со ресурси кои стануваат сé по ограничени, продуктивноста мора да се зголеми. Производство мора да биде економски оправдано, еколошки компатибилно и општествено одговорно. За ова е потребна технологија, знаење и искуство и инвестиции. Затоа министрите за земјоделство се договорија во иднина да се залагаат за интегриран, меѓусекторски политички пристап на сите нивоа, кој ќе го поддржат во меѓународните дискусии и во своите национални политики.

На крај, министрите истакнаа дека не се само креаторите на политиките тие кои ја сносат одговорноста, потребна е широка општествена посветеност за да зачекориме поблиску до целта. Затоа, ги повикаа меѓународните организации, невладините организации, граѓанското општество, индустријата и науката да ја споделат оваа одговорност и да се придружат во постигнувањето на целите.

Резултатите од Глобалниот форум за храна и земјоделство ќе се инкорпорираат во дискусијата која во моментов се одвива во рамките на Обединетите нации за агендата пост-2015, каде искоренувањето на гладот ​​и неухранетоста во светот се приоритет.

На годинешниот Шести Берлински самит на министри за земјоделство беа присутни високи делегации и претставници од 80 земји од светот.