Поради серија земјотреси Холандија го намали производството на гас

Холандската влада одлучи да го намали производството на гас на полињата со гас кои се наоѓаат на северот од Холандија, бидејќи досегашните дупчења предизвикале земјотреси кои нанеле штета на куќите во тој регион.

Холандскиот премиер Марк Руте ја обелодени оваа одлука, но без да прецизира за колку ќе биде намалено производството. Според него, студииите покажале дека производството на гас без сомнение е главниот виновник за земјотресите, иако станува збор за слаби земјотреси, тие сепак биле чести, а предизвикале и материјална и емоционална штета за жителите од Гронинген.

Холандската влада вети дека во наредните пет години ќе исплати 1,2 милијарди евра за покривање на штетите предизвикани од земјотресите.

Од експлоатација на гас, Холандија заработува околу 12 милијарди евра на годишно ниво.