Почна усогласувањето на платите во МВР

Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат од денеска почнаа со процесот на усогласување на платите на вработените во МВР со јавната администрација во делот на основните примања.

„Тргнуваме пред се во етапно усогласување на структурата на платите во МВР за да бидат слични со основната плата на државната администрација, но и со примањата на полициските службеници во регионот. Прво ќе следи стратегијата за корекција на плата по ранг со давање предност на најниските плати, а паралелно ќе се врши стандардизација на разликата на плати помеѓу ранговите и нивоата“, најави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на заедничката прес-конференција со претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Тихомир Климоски.

Таа нагласи дека ќе се задржат и дотациите на плата утврдени според важечките процеси заради ризиците и специфичните задачи кои ја одвојуваат МВР од другите структури на јавната администрација.

„Убедена сум дека во наредниот период преку интензивен дијалог со Македонскиот полициски синдикат ќе дојдеме до заеднички прифатливи, одржливи и изводливи предлози и решенија кои ќе бидат од суштинско значење за запазување на интересите на сите вработени во МВР“, прецизира Јанкулоска.

Одговарајќи на прашање, министерката за внатрешни работи посочи дека социјалниот дијалог со Полицискиот синдикат се одвива континуирано во последните седум години со најмалку една средба месечно. Последна средба со синдикалците имала денеска утрово, а претпоследна минатата недела.

„Социјалниот дијалог во МВР е континуиран секојдневен процес преку кој ги надминавме многу од проблемите со кои се соочивме во периодот на кризата. Дијалогот не е секогаш леасен процес и не секогаш лесно доаѓаме до решенија“, рече Јанкулоска.

Токму преку социјалниот дијалог, потенцира, се договорени и одредбите за пензионирање на припадниците на МВР под посебни услови по сила на закон со навршување на 40 години пензиски стаж, без оглед на возраста, при што старосната пензија се утврдува во висина од 80 отсто од просечната месечна нето палата што работникот ја остварил во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж.

„Досега повеќе од 2.000 полициски службеници успеаа да заминат во пензија под поповолните услови“, рече Јанкулоска и додаде дека преку социјалниот дијалог е издејствувано и зголемување на надоместот за прекувремена работа за време на празник и генерално за работниците во МВР, како и да им се призанаваат и поповеќе од максимално дозволените 190 часа прекувремена работа годишно, зголемување на бодот за по 10 проценти во 2007-ма и 2008 година што практично значи два пати по 10 отсто дополнително зголемување на платата,….

Претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Климоски потенцира дека министерката Јанкулоска секогаш била искрен социјален партнер и додаде дека често не излегувале во јавноста со сите отстапки кои успеале да ги договорат.

„Можеби ни е мана што почесто не излегуваме со пресови во јавноста, но не можеме за се и сешто тоа да го правиме зашто многу често сите работи што ги договараме со социјалниот пертнер се на границата на класифицирани информации“, рече Климоски.

Тој посочи дека МВР и Македонскиот полициски сидникат во најбрз рок ќе формираат работна група која прецизно ќе ги согледа отстапувањата на основната плата на полициските службеници од останатата јавна администрација во земјава и платите на полциските службеници во регионот и ќе изготви предлог динамика за нивно усогласување соодветно на спецификата за секоја поединечна служба, ранг и ниво во МВР.