Перо Антиќ ќе учествува во НБА Ол Стар викендот во Њу Орлеанс

Атланта Хоукс на официјалната интернет-страница информираше дека Перо Антиќ е избран да биде дел од Ол Стар викендот, како еден од деветте најдобри дебитанти во досегашниот дел од сезоната во НБА лигата, во натпреварот против најдобрите играчи што ја играат својата втора сезона во НБА. Македонскиот капитен преку социјалните мрежи се заблагодари на поддршката.

Импресивните игри на Антиќ, со кои донесе повеќе важни победи за Атланта Хоукс, не останаа незабележани во НБА, а како еден од највпечатливите и најдобрите дебитанти сезонава во лигата, апсолутно го заслужи учеството на Ол Стар викендот кој ќе се игра во Њу Орлеанс од 14 до 16 февруари. Како четврти најдобар стрелец меѓу дебитантите во НБА и лидер во категориите за скокови и реализирани тројки по натпревар, ја доби довербата од тренерите на НБА тимовите, кои ги избираат учесниците за „Рајзинг Старс Челинџ“ натпреварот, односно мечот помеѓу дебитантите и кошаркарите кои ја играат втората сезона во НБА.

Со ова, првиот македонски кошаркар во НБА испиша нова страница во историјата на македонската кошарка. „Би сакал да се заблагодарам на моите соиграчи, стручниот штаб и на менаџментот на Хоукс“, вели Антиќ на „Твитер“ непосредно по објавувањето на информацијата и дополни: „Горд сум што добивам можност да ја претставувам Атланта како град и мојата Македонија во Њу Орлеанс“.

Инаку, Антиќ моментално поради повреда не настапува за својата екипа, но прогнозите велат дека комплетно ќе се опорави до почетокот на Ол Стар викендот и ќе може да го пружи максимумот на еден од најгледаните настани во светскиот спорт воопшто.