14 мртви при ерупција на вулкан во Индонезија

Најмалку 14 лица се мртви, а три повредени при ерупција на вулкан во западна Индонезија. Жителите се вратиле во своите домови, мислејќи дека е безбедно, за само еден ден откако биле евакуирани по претходната ерупција.

Владата во петокот дозволила да се вратат 14 илјади жители кои живеат во опасната зона, пет километри околу вулканот, бидејќи активноста на вулканот почнала да се смирува.

По утринската ерупција на вулканот Синабунг, следела многу посилна експлозија исфрлајќи лава, вжештени карпи и пепел. Бројот на евакуираните порасна на 30 илјади, а во загрозените области испратена е помош, храна, лекови и шатори.

Синабунг е еден од 130 активни вулкани во Индонезија кој се наоѓа во пацифичкиот огнен прстен, каде ерупциите и земјотресите се многу чести.

Властите и понатаму се обидуваат да спречат најмалку 16 илјади жители од оваа област да им се вратат на своите домови, но многу од нив инсистираат, бидејќи повеќе од четири месеци се сместени во привремени засолништа.

Во оваа област, уште во ноември, степенот на опасност е подигнат на највисоко ниво.