Позната и втората полуфинална двојка – Куманово против Лирија

Четири четвртини не беа доволни да се реши победникот во Охрид, а Куманово покажа повеќе во неизвесната завршница и го искористи невниманието под кошот на Работнички, за победа од 94-92 и пласман во полуфиналето. Мандиќ, Врањеш и Паран носители на триумфот на кумановци.

Како што и се очекуваше, натпреварот беше неизвесен од самиот почеток, а Работнички се соочи со прв сериозен проблем кога Дарко Соколов, по помалку од четири минути игра, поради повреда на скочниот зглоб мораше да го напушти теренот. Куманово уште од почетокот покажа дека е шутерски расположен, а пред крајот на првото полувреме стигна и до највисока предност од 43-36, предводен од Врањеш и Паран. Бариша Красиќ во последните секунди од полувремето врати со тројка за на пауза да се замине со четири поени разлика во корист на Куманово.

Ниту една од двете екипи не успеа да се одлепи ниту во второто полувреме, кај Куманово затаи шутот од далечина, но Мишковиќ имаше свои минути под кошевите и заедно со Мандиќ го одржуваше резултатот неизвесен. На средина од четвртата четвртина, Марко Симоновски и Владимир Брчков се промовираа во предводници на играта на Работнички и најтрофејниот клуб на нешто повеќе од три минути до крај поведе со 81-74. Сепак, следуваше период кога избраниците на Емил Рајковиќ имаа проблеми со реализацијата, а Куманово преку Паран и Јанески направи серија од 9-0 за на половина минута до крај да направи пресврт за водство од 83-81. Одлично одработената акција на Работнички доби завршница со забивање преку Кнежевиќ и натпреварот замина во продолженија.

Во продолжението Икониќ погоди тројка, а потоа и две слободни фрлања и Работнички поведе со 92-88, но Мишковиќ погоди со дополнително слободно фрлање, а Врањеш реализираше клучна тројка и во последната минута Куманово поведе со 93-92. Во таа последна минута и покрај промашувањата на Куманово, Работнички допушти две ситуации кога Ројс Паран со офанзивни скокови го враќаше поседот кај Куманово и екипата на Горан Димитријевиќ ја задржа предноста за триумф од 94-92 и пласман во полуфиналето.

Мандиќ го заврши натпреварот со 25 поени и 11 скокови, а дабл-дабл оствари и Мишковиќ со 10 поени и 12 скокови. Особено важни во победата на Куманово беа Врањеш кој постигна 23 поени и Паран кој на 16-те поени додаде 6 скокови, 6 асистенции и 5 украдени топки. Кај Работнички, Горан Икониќ беше најпрецизен со 21 поен, а највпечатливи беа Симоновски, Кнежевиќ и Брчков.

Во вториот четвртфинален натпревар ѓто се одигра вечерва, одлична втора четвртина одигра екипата на Карпош Соколи, но тоа беше премалку за да се спротивстави на фаворитот, кој со водство во текот на целиот натпревар, заслужено славеше со 98-65 и обезбеди дуел со Куманово во полуфиналето од Купот на Македонија. Полуфиналните средби на програмата се утре.

Рано во натпреварот Лирија предводена од Тасовски, Мијовиќ и Трајковски поведе со високи 10-1, а првата двоцифрена предност ја обезбеди по тројката на Џулиус Колс за 18-8 на половина од првиот период. Сепак и покрај таа висока предност на Лирија, која во еден момент се искачи и до 19 поени разлика, Соколи успеаја преку шутерски расположените Шарпер и Тасевски да се вратат на 43-39 пред крајот на полувремето. Тасевски погоди четири тројки од исто толку обиди, а Шарпер додаде две и на полувреме се замина со 8 поени предност за Лирија (47-39).

Но во второто полувреме Лирија повторно заигра како на почетокот, со цврста одбрана и преку расположениот Џулиус Колс стигна до предност од преку 20 поени, која знаеше да ја задржи до крајот и заслужено да слави. Двајцата тренери поради извесниот резултат во завршницата им дадоа можност и на помладите кошаркари во екипите, кои ги доиграа последните минути и ги поставија конечните 98-65.

Џулиус Колс со 24 поени беше најпрецизен поединец кај победничкиот тим, додека Трајковски и Караколев реализираа по 13 поени. Двоцифрени беа и Симиќ и Самарџиев. Кај Карпош Соколи, Кирил Павловски и Ангел Тасевски постигнаа по 14 поени, а Шарпер додаде 13.

Со оваа победа, Лирија обезбеди пласман во полуфиналето, каде утре ќе игра против Куманово од 20:15 часот. Претходно, од 17:30 часот, во првото полуфинале ќе се сретнат МЗТ Скопје и Кожув.