Градоначалникот Бакрачески оствари средба со граѓаните од Горна Влашка маала

На иницијатива на Советот на Урбаната заедница Горна влашка маала, синоќа во просториите на ОУ “Христо Узунов“, градоначалникот Никола Бакрачески и секретарот Димитар Спасески со своите соработници, остварија средба со жителите на оваа урбана заедница.

На средбата граѓаните најмногу се интересираа за подобрување на инфраструктурата и изразија задоволство од ваквиот начин на непосредна комуникација. На собирот учествуваа и директорите на јавните претпријатија, кои одговараа на повеќе прашања од граѓаните. Градоначалникот Бакрачески, потсети на зафатите кои локалната самоуправа ги реализира во изминатиот период и плановите за идните урбани решенија за овој дел од градот. Градоначалникот Бакрачески најави дека наскоро целосно ќе биде реконструирана, главната сообраќајница, улицата “Питу Гули“ и инфраструктурно ќе бидат ревитализирани повеќе споредни помали улици. На просторот од Детската градинка и на спортскиот полигон кај Стобекс, ќе бидат монтирани нови спортски справи и детски реквизити, а ќе се уредат и други спортски терени.

На иницијатива на Цветко Грозданов, беше разгледана можноста од изградба на централен плоштад кај “Чинарот“, при што, доколку не постојат имотно – правни пречки, би се реализирала во најкраток можен рок. На собирот претставниците на локалната самоуправа забележувајќи конкретни барања од граѓаните, ветија дека на дел од нив ќе можат  позитивно да одговорат, уште во текот на наредната работна седмица.