Обновена уште една староградска куќа во Крушево, а ќе се реконструира и Македониумот

По првата обновена крушевска куќа лани со 3 милиони денари, вчера беше претставена обновената куќа на семејството Важарови. Градена е во 1877 година, а сегашните сопственици во 1962 ја купиле од семејството Корнети. За обнова на фасадата на куќата на Важарови се вложени 4 милиони денари и тим од прилепскиот Завод и музеј работеше месец и половина. Од завршениот зафат особено беше среќна  Милјана Атансоска-Важарова.

„Куќата е типичен пример на автентичната староградска крушевска архитектура, високо издигната на камени основи, со раскошни орнаменти на фасадата и во внатрешноста. Таа е дел од староградското јадро во Крушево заштитено со закон. Ние сме задоволни од стручноста на прилепскиот Завод и музеј и од брзата обнова – изјави министерката Канческа-Милевска, која најави дека годинава ќе почне обновата на трета куќа во Крушево од автентична староградска архитектура, а во програмата за обнова се и фасади во Кратово, Кичево, Охрид, Скопје и во Прилеп“. – истакна Канческа Милеска.

На работната посета на Крушево, министерката беше информирана и за текот на обновата на музеите. Обновени се покривите и фасадите на Музејот на Мартиноски, Музејот на Илинденското востание и на Леарницата, а оваа година ќе се обновуваат и музејските поставки. Министерството ќе се фокусира и на обновата на Македониумот.

„Од Музејот во Крушево како приоритетни годинава се посочени обновата на потпорните и на оградните ѕидови околу Македониумот.  Прилепскиот Завод и музеј ќе подготви проект за в година да се реконструира фасадата на споменикот и да се работи на обнова на витражот – рече Канческа-Милевска. За подобра работа на крушевскиот Музеј, додаде таа, вработени се четири стручни лица, а работи и сувенирницата“.- додаде министерката.

Директорот на Музејот во Крушево, Зоран Богески, на новинарско прашање што се случува со Музејот на НОБ, објасни дека во 1989 година  Сојузот на борците го преотстапил на крушевскиот Музеј но дека објектот бил дивоградба.

„Го решававме прашањето со имотно-правните односи и одобренија. Лани добивме решение за заштита на поставката. Сега се активиравме за заштита и реновирање на објектот.“ – рече Богески.

Министерката за култура за време на престојот во Крушево го посети и гробот на Тоше Проески на Гумење, а во Спомен-куќата ја разгледа и новата изложба на фотографии од Тоше.