Општина: Нема отстапување од законските норми

Во врска со соопштението од ВМРО – Народна партија, со реакција излезе и Општина Охрид, во која стои:

„Во однос на реакциите на ВМРО-НП и Партијата за Движење на Турците, за спроведеното тестирање во општинската администрација, мораме да укажеме на неколку моменти, со цел да одговориме на крајно неоснованите обвинувања.

Тестирањето на вработените е законска обврска по завршувањето на пробниот период од нивната работа во општинската админстрација и тука раководните структури на локалната самоуправа и да сакаат не можат да влијаат по ниту еден основ, освен да се испочитува Законот за државни службеници. Тестирањето беше спроведено согласно сите законски процедури, а прашањата ги покриваа стручните области на кандидатите. Само знаењето и подготвеноста на секој поединечно, беа критериуми истите успешно да се решат.

Од тука оценките за некаков политички реваншизам ги сметаме за крајно неосновани и тендециозни, кои сакаат неоправдано да внесат политичко-партиска димензија на овој процес. Се зборува само за тие кои не го поминаа тестот, а се  минимизира трудот на оние кои го положија тестот и понатака остануваат дел од општинската администрација.

Како што неколку пати претходно истакнавме, локалната самоуправа ќе продолжи со реформскиот курс за ефикасна и стручна администрација, без притоа да прави компромиси со политичките партии и поединци, на сметка на стручноста и компетентноста на своите вработени.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.