Во сообраќајни контроли во текот на викендот казнети 610 учесници во сообраќајот

СВР-Скопје во текот на изминатиот викенд спроведе зајакната сообраќајна контрола на подрачјето на Скопје при што од страна на сообраќајната полиција санкционирани се 610 учесници во сообраќајот за сторени прекршоци од Законот за безбедност на сообраќајот.

Притоа, алкотестирани беа вкупно 241 возач а кај 71 возач е утврдено дека управувале возила под дејство на алкохол, потоа 40 лица управувале возила со измината важност на сообраќајната дозвола, додека пак без возачка дозвола управувале 24 возачи.

Кај 27 лица е утврден сообраќаен прекршок за поминување на црвено светло, биле идентификувани две технички неисправни возила. Исто така, 120 возачи управувале возила со над дозволената брзина, а од нив 40 возачи управувале возило со над 90 километри на час во населено место.

Наедно изречени се 17 прекршоци за некористење на сигурносен појас, 18 прекршоци за зборување на мобилен телефон, пет прекршоци на пешаци кои не ги почитувале сообраќајните правила и прописи, четири прекршоци за непрописно престројување, 14 прекршоци за паркирање во зона на крстосница, автобуска постојка и пешачки премин, 181 прекршоци за неправилно и непрописно паркирање, пет прекршоци за возачи кои не отстапиле првенство на минување на пешаци, а со пајак возило подигнати се 125 возила.