Промовиран Водич за македонските вина, наменет за странските пазари

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство промовираше луксузно издание посветено на македонските вина и винарии.

Книгата насловена како „Вината од Македонија – краток водич за македонските вина и винарии“ е напишана на аглиски јазик на над 200 илустрирани страници и е наменета за странските трговци и компании, кои се потенцијални купувачи на македонското вино.

На почетокот содржи лирски воведен текст, а потоа следуваат осум клучни поглавја посветени на историјата на виното, традицијата и обичаите, винската култура и производството, како и врстите грозје кои успеваат на територијата на Македонија во 16-те виногорја. Во книгата е сместен и регистар на 83 винарии во земјава.

„Книгата е документ, во кој меѓу другото е запишана историјата на производството на вино во Македонија, карактеристичните сорти вино, регионите каде што се одгледува и регистарот на винарски подруми, за кои немаше соодветни податоци“, истакна  министерот Љупчо Димовски, нагласувајќи дека ќе биде дополнителна афирмација на нашето производство на вино.

Од досегашните претставувања на меѓународни саеми, тој посочи дека увиделе оти недостасува една многу битна алатка, документ каде ќе биде прикажана историјата на македонските вина.

„Ние излегувавме со флаери, проспекти и пропаганден материјал што винариите го носеа со себе. Виното е една течна разгледница за нашата држава и историја, но покрај доброто вино на тие саеми ни недостасуваше еден ваков документ“, рече министерот Димовски.

Идејата за книгата, нагласи тој, е постара и оти на неа се работело една година.

„Книгата ќе биде составен дел од заедничкото претставување на нашите вина ширум светот. Ќе се насочиме и кон купувачите од Северно американскиот континент, кои според сите информации што ги имаме од винаските подруми, постои интерес за нашите вина. Се раководиме кон интересот на бизнисот и го поддржуваме, бидејќи тоа е индиректна поддршка и за производството“, нагласи министерот Димовски.

Иво Јанковски од издавачката куќа „Трето уво“ посочи дека со ваква презентација, Македонија се легитимира како сериозен производител на вино на Балканот.

„За сериозна презентација на големите саеми за вино и храна во светот и достојна презентација со нашето вино, неопходно е македонскиот штанд да понуди соодветна атрактивна литература, убаво дизајнирана и спакувана каква што е токму оваа книга, преку која секој што ќе посака ќе може да дознае се за македонското грозје, вина и винарии“, рече Јанковски.

Во ова издание отпечатени се 1.500 примероци, кои ќе се користат за промоција на македонските вина на меѓународни саеми, а ќе им бидат поделени, на економските промотори во странство и во дипломатските претставништва.