Македонската футсал У21 репрезентација со 5:1 ја победи Романија

Македонскатa футсал репрезентација до 21 година ја победи Романија со 5:1 на вториот контролен натпревар меѓу двете селекции одигран во Велес. Нашата млада репрезентација предводена од селекторот Зоран Левески доминираше во текот на целиот натпревар, 3:0 на полувреме со головите на Леовски, Илиќ и Златковски, до крајот од натпреварот за Македонија реализираа Георѓиевски и Трендафиловски.

Македонската репрезентација играше во состав: Петровски, Стојменов, Илиќ, Пљакиќ, Трајков, Златковски, Мехмединовиќ, Иванов, Леовски, Вукановиќ, Ѓоргиевски, Трендафиловски, Стаменковиќ.

„Издвојувавме две убедливи победи против Романија, селекција која е во рангот на најдобрите млади репрезентации и морам да го изразам задоволството од начинот на кои одигравме. Играчите беа со вистински пристап, покажаа желба и мотив за успех, одговорност и професионалност, но најважно потврдија дека имаат квалитет. Се претставивме во вистинско издание иако селекцијата ја формиравме во многу краток временски период. Среќен сум што победивме репрезентација која има континуитет во настапите до 21 година, ги надигравме на секој план во футсал играта и имаме потполно право да се надеваме на позитивни работи и во иднина. Логистиката која ја добиваме од Фудбалската федерација на Македонија е значајна за нас, се надеваме дека заеднички ќе ја надградуваме. Потребни се повеќе контролни натпревари за да бидеме подобри и дел од играчите од овој состав да се наметнат со квалитетот во најдобрата репрезентација“, – изјави селекторот на футсал репрезентацијата до 21 година, Зоран Левески.

На првиот натпревар во Велес, Македонија славеше со 3:1.