Државата ги намалува трошоците за вработување млади до 29 години

Работодавачите од приватниот сектор кои ќе вработат млади лица до 29 години, евидентирани како невработени во Агенцијата за вработување, ќе бидат ослободени од плаќање социјални придонеси во тек на првата година, објави попладнево на прес-конференција премиерот Никола Груевски.

Мерката за која Владата на денешната седница усвоила измени на три закони, ќе трае две години со можност за продолжување зависно од постигнатите резултати. Целна група се сите млади невработени лица до 29 години. Според статистиката на Агенцијата за вработување се работи 45 илјади лица од кои 25 илјади активни баратели на работа, а 20 илјади пасивни.

Според Груевски, со новата мерка работодавачот ќе биде ослободен од плаќање придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, за здравствено осигурување и за осигурување во случај на невработеност.

„ Ослободувањето од социјалните придонеси ќе биде за период од 12 месеци со обврска понатаму работодавачот да го задржи на работа тоа лице уште дополнителни 12 месеци. Ослободувањето ќе се однесува на основицата на која се плаќаат социјалните придонеси односно до основицата од просечната бруто плата од претходната година. Доколку работодавачот исплати нето плата повисока од просечната плата ќе треба да си изврши доплата на социјалните придонеси на разликата од просечната плата до исплатената плата“, појасни Груевски.

Според него, покрај тоа што со владината одлука се создаваат нови можности за вработување на млади лица, тоа претставува олеснување и поддршка за бизнис заедницата, затоа што државата им ги намалува трошоците за ангажирање работен кадар и можат да ги употребат за друга намена за развој на нивниот бизнис.

Покрај ослободувањето од социјалните придонеси, укажа премиерот, работодавачот ќе биде ослобеден и од плаќање персонален данок на доход за тоа лице, можност што постои како законско решение.

„Сега покрај тоа што работодавачот ќе биде ослободен од плаќање персонален данок за вработување млади лица до 29 годишна возраст дополнително ќе биде ослободен од плаќање социјални придонеси за вработување млади лица до 29 години во период од 12 месеци“, наведе Груевски.

Тоа, посочи, за работодавачот значи намалување на трошоците за вработување на лица за 37 проценти, односно 27 проценти за придонеси и 10 проценти за персонален данок од големината на бруто платата.

За да ја користат новата мерката работодавачите од приватниот сектор не треба да го намалиле бројот на вработени на неопределено време од 1 јануари годинава до денот на вработувањето на новите работници, освен во случај на смрт, пензионирање или прекршување на Законот за работни односи. Треба да поднесат барање до Агенцијата за вработување за користење на оваа можност. Ако неосновано го намалат бројот на вработени во период од 24 месеци и го откажат договорот за вработување со ангажираното лице, имаат обврска за плаќање на придонесите од задолжителното социјално осигурување.

Според премиерот Груевски, новата мерка е продолжение на активностите и политиките на Владата во изминатиот период за отворање нови работни места и намалување на невработеноста. Владините политики во таа насока, укажа премиерот, резултирале со намалување на стапката на невработеност од 38 на 28 проценти во периодот од 2006 до 2014 година.

„ Тоа е намалување за околу 10 процентни поени. Тоа значи дека од 2006 до 2014 година се вработени 108 илјади лица, што е јасен доказ дека политиката на Владата дава резултати“, наведе Груевски.