Тодоров: Јавното здравство има перспектива

Министерот за здравство Никола Тодоров вчера ја посети Болницата за белодробни заболувања во Јасеново која е реновирана со средства од Владата. Покрај реконструкцијата во која се вложени 2,2 милиони евра, набавен е и агрегат за струја и изведен е систем за сончево затоплување.

При посетата на болницата министерот Тодоров потенцираше дека за разлика од порано кога годишно имало по 50-тина специјализации на доктори, сега бројот е во постојан пораст.

Тој потсети дека во јавното здравство се извршени нови 400 вработувања и оти 112 лекари се вратиле од приватните во јавните здравствени установи.

Во врска со проектот за рурален доктор, министерот Тодоров истакна дека амбуланти ќе се отворат во оние селски населби каде порано имало вакви објекти.

„ Очекувам на 1 март, кога и официјално треба да започне проектот, да имаме над 80 проценти покриеност на сите оние населени места коишто ги објавивме, а тоа се 1.227 населени места“ , рече Тодоров.

Потсети дека се обезбедени и околу 40 возила кои се распределуваат во здравствените установи.

„Има и еден посебен тим од Министерството за здравство кој прави детален попис и обиколка на сите напуштени здравствени амбуланти во земјава, со цел тие наскоро да бидат ставени во функција на пациентите од селските населени места“, потенцира Тодоров.