Колумна: ВМРО-ДПМНЕ е природен сојузник на Египќаните во Македонија

 Драги мои, ако се потрудиме да направиме една ретроспектива на политичката активност на припадниците на еден автохтон и автентичен етникум, како што се над 30.000 Египќани во Р.Македонија, слободно можеме да констатираме дека Египќаните во Македонија, во континуитет ја имале поддршката од страна на политичкиот субјект ВМРО-ДПМНЕ, со десничарска политичка ориентација. Таквата искрена, коректна и пред се и над се пријателска компонента, во односите помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и припадниците на етничката заедница на Египќаните во Македонија, започна уште во 1997 година, кога се интензивира со доаѓање на власт на ВМРО-ДПМНЕ во 1998 година. Како плод на тој воспоставен систем на односи, но и нов воспоставен систем на морални  вредности, и нова перцепција  на мултиетничкиот и мултиконфесионален карактер  на Македонското општество, резултираше со формирање на нов политички субјект, кој гравитираше десно од центарот, секако со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, формирањето на политичката  партија „Сојуз на Египќани“. Како „круна“ на  таквата  соработка, беше  и поднесениот предлог од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, да  бидат спомнати во Уставната Преамбула и Египќаните, кои за жал, таквиот предлог, од крајно нелогични  и несфатливи причини, не помина  во Собранието на Р.Македонија. 

 Позитивната  перцепција на ВМРО-ДПМНЕ, кон националните малцинства, кои живеат во Р.Македонија, вклучувајки ги и Египќаните, ја побива, но и ја порази погрешната перцепција која правеше поделба на националните малцинства на „битни и небитни“ идентитети, кои за жал, најмногу колективни штети, претрпи, токму заедницата на Египќаните во Р.Македонија. 

 Таа политика на вреднување на различностите на посебните етникуми, и реализирање на нивните права и слободи, дефинитивно ја подигна „кршливата демократија“ и нејзините вредности, кои и тоа како се битни за влез  на државата Македонија во меѓународните организации и клубовите, како што се ЕУ и НАТО. Во промовирање и реализирање на таквата политика, иако припадниците на етничката заедница на Египќаните, не беа оние кои најмногу „закарија“ поради одредени ограничувачки состојби, сепак, не е за занемарување фактот, што токму во време  на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, претставниците на оваа етничка заедница, беа примени од страна на Премиерот на Р.Македонија, Никола Груевски, како и на два пати, од страна на Претседателот на Р.Македонија. Тоа, драги мои, и тоа како е голем успех за Египќаните, на патот кон нивната  конечна институционална интеграција.

 Процесот  на интегрирање, драги мои, секако дека не е ниту лесен, ниту едноставен. Пасивноста и некохерентноста внатре во самиот етникум, проследено со максимално дури и во одредени сосојби, особено за време на избори, без разлика дали тие биле парламентарни, претседателски или пак локални, и варварски немилосрден однос, кон припадниците на етничката заедница на Египќаните, од страна  на одредени индивидуал-материјалисти и центри на моќ, кои ги доведоа Египќаните на ниво на „модерни робови“ во услови на една развојна демократска ориентација, која се развива  во Р.Македонија.

 Тој нечовечки и неприроден дискурс на односи, дефинитивно го забави процесот на институционална интеграција на Египќаните, но никако не го скрши нивниот дух и ентузијазам, за една легитимна борба, со сите расположливи правни и демократски механизми, да им се спротивстави на одредени центри на моќ, кои имаа за цел да наметнат „пол позиција“ на нивниот колективитет, се разбира со поддршка на меѓународните центри на моќ, во што и имаа конечен позитивен резултат. Тука, ВМРО-ДПМНЕ, беше буквално притисната, и затоа, Египќаните не би требало да имаат негативна перцепција на таквите неприродни процеси, напротив. Во таа навидум безизлезна состојба, за мојот народ, како светлина на крајот на тунелот, како последна  надеж, се појави Градоначалникот на Охрид, големиот пријател на Египќанскиот  народ, почитуваниот  д-р Никола Бакрачески, кој се надмина себе си, и само на негов својствен и саму негов објаснив начин, успеа да ги  врати во „живот“ Египќаните, да им ја врати самодовербата, сигурноста, стабилноста, упатувајќи им порака  дека можат да се потпираат на него, не само неговите сограѓани Египќани од Охрид, ами и на Египќаните од Ресен, кој патем и тоа како му помогнаа на сегашниот Градоначалник на Ресен, Ѓоко Стрезоски, да стигне до победата. Токму поради тоа, денес над 30 000 Египќани, полагаат надежи токму во ВМРО-ДПМНЕ, како една народна, демохристијанска партија, дека ќе излезе во пресрет, на патот на нивната борба, да се позиционират на заслуженото место во Македонското општество, и нивната институционална интеграција, како нивно право и своевидна „награда“ за нивната лојалност.

 Драги мои, вистинските вредносни судови, подразбираат фузиониран хоризонт на стандарди. Тоа не значи дека се е еквивалентно, еднакво, со еднаков придонес, но придонесот на Египќаните во Македонија, не смее ниту да се игнорира, ниту да се намали неговата вредност. Секој атак, кон овие вредности и придонеси  на Египќанскиот етникум, кон  развојот на демократските вредности и развојот на државноста  на Р.Македонија, ќе биде огромен  грев  на секој оној, кој само би  помислил  на тоа, а недај боже и да посегне. Во таа насока, несоборлив, недозволив и  невозможен е евентуалниот прекин на соработката на ВМРО-ДПМНЕ и Египќаните, било кој тоа да го посакува, бидејќи е природна, основана и безусловна.

 Со почит, Демир Далип – овластен претставник на Египќаните за надворешна соработка

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.