Лани за 15 % зголемено откривањето на кривични дела од областа на НТ со оружје

И оваа година продолжија активностите за спречување на нелегалната трговија со оружје, за што сведочат зголемениот број на откриени случаи и сторители, како и зголемена заплена на оружје и муниција, а исто така полицијата активно беше вклучена во сите процеси на превенција, се во насока на што поуспешно спротивставување на илегалната трговија со оружје.

Засилените активности што ги преземаше полицијата за спречување на нелегалната трговија со оружје, дадоа позитивни резултати, за што говорат откриените 205 (лани 178) кривични дела „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и едно кривично дело „изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување на кривично дело“. Врз основа на компаративните согледувања во изминатите години е констатиран тренд на зголемување на откривачката функција за над 15%.

Во рамките на овие случаи, беа поднесени кривични пријави против 237 сторители, од кои беа запленети и одземени 185 парчиња оружје и тоа: 59 пиштоли, потоа 30 ловни пушки, 20 полуавтоматски пиштоли, 17 автоматски пушки, 15 револвери, 14 рачни бомби, шест рачни ракетни фрлачи и др, како и 10.769 парчиња муниција, 19 пакувања експлозив, 111.404 разновидни петарди и др. Инаку и кај одземеното оружје, бележиме тренд на пораст, како и зголемување на откриените сторители на овој вид криминал.

И во овој период продолжи тенденцијата на заплена на пиштоли кои преставува 1/3 од вкупната заплена, а оружјето најчесто беше запленето во индивидуални заплени, кое граѓаните го набавувале под изговор за лична безбедност и сигурност. Најголем дел од овие дела се извршени на подрачјето на Скопје – 23%, по што следи Куманово со 12%, додека на останатите подрачја се откриени кривични дела во помал процент.

Во овој период, Одделот за спречување на организиран и сериозен криминал во рамки на спроведена криминалистичка операција, откри лице кое на заинтересирани купувачи нудело на продажба разновидно огнено оружје (автоматски пушки, пиштоли, бомби, муниција и др.), по различни цени. При реализација на случајот, од импровизирана работилница беа одземени автоматска пушка и четири револвери. Покрај ова, на подрачјето на Тетово, беа преземени мерки за откривање на криминална група која вршела разбојништва на бензински пумпи, по што кај еден од сторителите се пронајдени десет парчиња оружје меѓу кои и шест рачни ракетни фрлачи.

Покрај мерките на кривичен прогон, против 428 лица беа поднесени и 414 барања за поведување на прекршочна постапка, најчесто заради набавување делови од оружје, поседување муниција, носење на оружјето спротивно на одредбите на законот и сл. Во рамки на овие мерки, беа запленети 229 парчиња оружје, 778 парчиња муниција, како и значително количество петарди и пиротехнички средства и др. Инаку, според видот на оружјето, во над 50% од запленетите парчиња доминираат пиштолите за звучна и светлосна сигналнализација. Во текот на годината, бележиме зголемување на пронајдените парчиња оружје, кое најчесто беше старо, неисправно и нестандардно. Од пронајдените 216 парчиња оружје, најзастапени беа гранатите и тоа во 80%. Покрај ова, беа пронајдени и 1.171 парче муниција, 26 пакувања експлозив, 150 грама барут и др.

Во рамките на активноста за спречување на последиците од употреба на петарди и други пиротехнички средства, за време на предновогодишните празници беа преземени низа активности кои се однесуваа пред се на запознавање на граѓаните со законската регулатива и штетните последици од употреба на петарди и други пиротехнички средства, а беа упатени и апели преку средствата за јавно информирање за максимална воздржаност на граѓаните. Преземените активности резултираа со 80% зголемување на заплената на пиротехнички средства, која оваа година изнесуваше над 235.000 парчиња пиротехнички средства.

И оваа година, по повод Светскиот ден за уништување на оружјето, во соработка со Управата за управување со конфискуван и одземен имот се изврши уништување на запленетото и конфискувано оружје, за кои беа донесени правосилни пресуди. Притоа, во рамките на одбележувањето на овој ден беа уништени 265 парчиња оружје, од кои најмногу пиштоли-93; потоа пиштоли за звучна и светлосна сигнализација–76; ловни пушки–48; воздушни пушки-21; ловни карабини–18; автоматски пушки-6; воздушни пиштоли–2 и малокалибарска пушка-1.