Објавени резултатите од второто национално рангирање на високообразовните установи

Како и на првото рангирање пред две години, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е прв на ранг-листата на високообразовни установи во Македонија, која за постигнувањата во 2011/2012 и овојпат ја состави Центарот за светска класа универзитети при Универзитетот Џиао Тонг во Шангај.

На првите пет места на листата од вкупно 20 високообразовни институции се уште три државни универзитети – „Гоце Делчев“-Штип (второ), „Св. апостол Павле“-Охрид (четврто) и „Св. Климент Охридски“-Битола (петто). Од приватните универзитети, највиско рангиран е Универзитетот на Југоистична Европа-Тетово (второ место).

Листата, која денеска ја објави Министерството за образование и наука, а денеска ќе биде поставена и на веб-страницата на Џиао Тонг, ги сумира резултатите за настава и учење, за истражување и за социјална димензија. Последен на второто рангирање во Македонија е „Евробалкан“, кој минатата година од институт прерасна во универзитет.

Ранг-листата е направена според методологија со 21 индикатор за квалитет, два повеќе во однос на првото рангирање – бројот на наставници или соработници кои најмалку една година работно престојувале во странство и бројот на студенти кои биле најмалку три месеци на студентска размена во странство.

Министерот Спиро Ристовски е задоволен од резултатите зашто покажуваат подобрување на индикаторите врз кои се темели рангирањето, а универзитетите биле поодговорни кон процесот, повеќе соработувале и биле поефикасни во доставувањето на податоците.

„Има некоклку генерални карактеристики. Има значитетелно подобрени резултати, особено за времето на завршување на студиите. Но општ впечаток е дека сите високообразовни установи во иднина треба повеќе да се фокусираат на процесите на интернационализација, односно мобилноста на студентите и на наставниот кадар, кои се во врска со меѓународната препознатливост. Би издвоил и дека научно-истражувачката работа и инвестирањето во оваа дејност на првитаните универзитети се уште заостанува зад јавните универзитети. Во иднина од нив се очекува уште поголем придонес во публикувањето на научно-истражувачките резултати“, истакна Ристовски.

Како и на првото рангирање, но помалку од тогаш, некои установи и овојпат давале неточни и недоследни податоци (пр. пријавени поголем број студенти, инвестиции во опрема, истражувачки активности и број на научни трудови во меѓународни списанија, погрешно пресметани резултати од државната матура на запишаните студенти…) кои се откриени зашто биле лесно проверливи.

Министерот рече дека во овој процес не им условена акредитацијата директно

„Но индиректно, се мери самиот квалитет на установата. Кога ќе се објави финалната листа, имаме јасен податок дека тој универзитет е неконкурентен, колку и да сака и се обидува да внесува неточни податоци“, рече Ристовски.

Министерот подвлече дека Република Македонија се уште е единствена земја во регионот што спроведува национално рангирање на нејзините универзитети. Тоа е согласно со Законот за високо образование, според кој следното, трето рангирање ќе биде за две години.

Второ рангирање на високообразовните установи во РМ, за постигнувањата во 2011/2012:

1. Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје

2. Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип

3. Универзитет на Југоисточна Европа – Тетово

4. Универзитет за информатички науки и технологии „Св. апостол Павле“ – Охрид

5. Универзитет „Свети Климент Охридски“ – Битола

6. Универзитет Американски колеџ – Скопје

7. Меѓународен Балкански универзитет – Скопје

8. Прв универзитет ФОН-Скопје

9. Државен универзитет во Тетово

10. Прв приватен универзитет Европски универзитет Република Македонија – Скопје

11. Приватна висока стручна школа за новинарство и односи со јавност – Скопје

12. Приватна висока стручна школа „Еуроколеџ“ – Куманово

13. Приватна висока стручна школа Факултет за бизнис економија – НЕОКОМ – Скопје

14. Универзитет за туризам и менаџмент – Скопје

15. Меѓународен универзитет – Струга

16. Меѓународен Славјански Институт „Г.Р. Державин“ – Свети Николе

17. МИТ универзитет – Скопје

18. Приватна висока стручна школа „Бизнис академија – Смилевски“ – Скопје

19. Универзитет за аудиовизуелни уметности – Европска филмска академија ЕСРА – Париз–Скопје–Њујорк

20. Универзитет „Евробалкан“ – Скопје.