Во македонските компании доаѓаат првите странски експерти, практичари

Портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев на денешната прес-конференција истакна дека Проектот за ангажирање на странски експерти за потребите на домашните компании е проект кој носи корист за домашниот бизнис сектор.

„Негова интенција е искористување на знаењата и вештините на еминентни меѓународни експерти кои со својот придонес треба да овозможат подобрување и унапредување на деловните процеси во македонските компании, да ја подобрат продуктивноста и ефикасноста на бизнисот и да создадат додадена вредност на процесот на деловна активност.“– рече Ѓорѓиев.

Овој проект е поделен во две фази. Во првата фаза бил спроведен јавен и транспарентен процес преку кој сите заинтересирани компании можеа да се пријават до Владата за ангажирање на овие експерти, и на кои владата добила 105 пријави од компании од целата територија на државата и компании со секаква големина во однос на бројот на вработени. По завршувањето на тој процес сите компании биле исконтактирани или посетени и бил утврден точниот профил на експерт кој тие го побаруваат.

„Сакаме да информираме дека започнува втората фаза од овој проект. Како што ветивме така и одиме понатаму. Првата група на странски експерти кои ќе имаат за цел поддршка на македонските компании кои изразиле интерес за тоа, ќе почне да пристигнува во следните денови и заклучно со крајот на месец април се очекува во рамките на оваа прва група 15 странски експерти да пристигнат и да работат во компаниите од земјата, да го дадат својот придонес во подобрување на деловните процеси во нашите компании и да овозможат корист за истите. Во однос на индустријата каде што ќе доаѓаат, најголем број на експерти ќе дојдат во домашните компании од преработувачка индустрија, но и во компании од информатичка дејност, и од туризмот, образованието, земјоделската дејност и други дејности.Во однос на големината на компаниите и бројот на вработени имаме покриеност на различен обем на компании, односно експертите ќе работат во компании кои имаат до 50 вработени, компании од 50 до 100 вработени, експерти во компании со 100 до 200 вработени, но и во компании со над 200 вработени.“– потенцира Ѓорѓиев.

Ѓорѓиев истакна  дека за сите овие експерти се направени консултации со компаниите кои ги побаруваат и со нашите меѓународни партнери од Холандија и Германија со кои соработувале на овој проект. По првичниот контакт и селекција на експертот во заедничка соработка, на компаниите им било овозможено директно да исконтактираат со експертот за да го прецизираат конкретниот дел од работниот процес кој треба да биде покриен за на крај да се воспостави и конкретната соработка.

„Исто така, значајно е да се истакне дека компаниите во однос на овие експерти ќе имаат минимален трошок и тоа во поглед на неговото сместување. Компаниите ќе немаат обврска во останатиот главен дел од трошоците затоа што тие главни трошоци во поглед на обезбедување на експертот, дневници за надомест за неговата работа, превоз на експертот, се сервисираат во соработка на Владата и меѓународните организации во рамките на билатералната соработка. По завршувањето на оваа прва група, динамиката предвидува во следните месеци, на секои 45 до 60 денови да доаѓаат нови групи од по 15 експерти кои ќе придонесуваат за домашните компании, при што се очекува покрај експерти од Холандија и Германија листата да се прошири и со експерти кои ќе бидат обезбедувани во соработка со други развиени земји или пак во рамките на соработката со мултилатералните економски организации.“- додаде владиниот портпарол Ѓорѓиев.

Со овие чекори согласно ветувањата отпочнува овој процес за привлекување и ангажирање на странски експерти за потребите на домашните компании. Ова е многу значаен проект за компаниите од нашата земја. Овие странски експерти ќе овозможат унапредување на способностите на самите компании и можности за поголема профитабилност. Тоа е од интерес не само за компаниите и нивните сопственици, туку и за вработените во компаниите и за отворањето на нови работни места, но и за локалниот и општиот економски раст и развој на Република Македонија.