„Танец“ одбележува 65 години од неговото постоење

Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“ во март полни 65 години од основањето, а годишнината ќе ја одбележи со повеќе активности во цела 2014 година.

„Се надевам дека ќе имаме интересна, бурна јубилејна година, како што овој ансамбл заслужува да ја има. На 23 март во Македонската опера и балет ќе биде свечената академија по повод 65 години од постоењето на „Танец“. По повод нашата годишнина, планирани се 25 концерти низ Македонија и пет во Скопје, од кои еден ќе биде голем“, рече денеска на прес-конференција Зоран Џорлев, директор на најстариот државен фолклорен ансамбл.

„Танец“ ќе има и повеќе настапи во хуманитарни цели, како и неколку гостувања во странство. Утре ансамблот ќе настапи во Белград, во мај ќе има минитурнеја низ Бугарија, во јуни ќе гостува во Рига, во рамки на манифестацијата Денови на македонската култура во Европската престолнина на културата во 2014, а во јули-август ќе патува во Хрватска.

На 5 јули ќе има концерт на плоштадот во Скопје, во рамки на „Скопско лето“, а по подолг период оваа година ќе гостува и на „Охридско лето“ со голем концерт на Антички театар. Во октомври, пак, планираат концерт „Игри и песни без граници“ во „Метрополис арената“, на кој ќе гостуваат ансамбли од регионот.

Одбележувањето на 65-те години почна овој месец, со промоција на второто цеде „Незаборав“. Наскоро ќе биде промовирана книга за „Танец“, ќе биде објавено едукативно ДВД за најмладите кои го посетуваат ансамблот, а по повод годишнината ќе организира „Средба на генерации“ и ќе им додели признанија и благодарници на сите што биле вработени во „Танец“ во изминатите шест и пол децении.

Годишнината и придонесот во афирмацијата на македонската култура во светот, на членовите на „Танец“ им ја честиташе министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

„  „Танец“ одигра историска мисија и докажа дека Република Македонија со својата богата етнокореолошка традиција зазема маркантно место во семејството на народите кои ја споделуваат својата богата култура со целиот свет. Министерството за култура длабоко ја респектира работата на „Танец“ како врвен промотор на македонските културни вредности и традиции“, истакна Канческа-Милевска.

Таа посочи дека поддршката за ансамблот е континуирана, со цел да се подобрат условите за работа на играчите – изградени се нови сали за вежбање на кореографиите, реконструиран е стариот дел на ансамблот, изградено е ново депо за чување на носиите кои се стари и над сто години и се вработени 55 членови (играорци, хористи, музичари) како и 12 лица во административно-техничкиот кадар. Поддршката ќе продолжи и оваа година, рече министерката за култура. Покрај проектите и концертните активности од Годишната програма, се планира набавка на нови инструменти и опрема.

Одлуката „Танец“ да биде државен ансамбл на тогашна Социјалистичка Република Македонија е донесена во март 1949 година. Богатото фолклорно наследство, песните и ората од Македонија, „Танец“ ги има презентирано на голем број светски сцени, како Карнеги хол во Њујорк, Бољшој-театар во Москва, Опера хаус во Сиднеј, во концертните сали во Катар, Израел, Кина и во повеќето европски земји.