ФЕИТ доби два сертификата кои се потврда за квалитет на факултетот

Факултетот за електротехника и информациски технологии се здоби со стандард за квалитет ИСО 9001:2008 и акредитираше Инспекциско тело за електротехнички уреди, инсталации и опрема.

Како што истакна деканот на ФЕИТ, проф. д-р Миле Станковски по средбата со министерот за образование и наука Спиро Ристовски, со овие сертификати факултетот ја потврдува ориентираноста кон континуирано унапредување на сопственото работење во областа на едукацијата, научно-истражувачката дејност и соработката со стопанството.

„Сертификатот ИСО 9001 подразбира околу 30 процедури со кои што комплетно е опфатено работењето на факултетот. Со тоа ние очекуваме дека ќе го подобриме работењето на самиот факултет бидејќи ИСО 9001 бара постојано унапредвање на работата на една компанија“, рече Станковски.

Сертификат, пак, за Инспекциско тело за електротехнички уреди, инсталации и опрема ќе овозможи унапредување на соработката со стопанството, а овозможува инспекција на сите видови високонапонска опрема, како што се трансформатори, генератори и мотори, нисконапонски инсталации, громобрански инсталации и заземјување, потоа на разна електронска опрема, телекомуникации и сите типови фискални апарати.

Министерот Ристовски упати апел до сите факултети да го следат овој пример и поскоро да го заокружат процесот на акредитација на доделените лаборатории преку владиниот проект со што би помогнале, вели, и во побрзо исполнување на втората цел на проектот – комерцијализација на овие лаборатории, односно нивно ставање во функција на бизнис заедницата и на стопанството.

„Во ова инспекциско тело влегуваат сите 17 лаборатории кои ги поседува Факултетот, од коишто пет ги обезбеди Владата на Република Македонија преку проектот за техничко и инфраструктурно опремување на високообразовните и јавните научни установи во земјата“ рече министерот Ристовски.

Овие лаборатории, додаде, ќе обезбедат заштеда на значителни финансиски средства доколку компаниите ги вршат овие испитувања во лабораториите на ФЕИТ.

„На пример, за периодично испитување на енергетска и друга опрема, една енергетска компанија во РМ годишно издвојува околу 5.000.000 денари, ако овие тестирања се изведуваат преку ова инспекциско тело акредитирано во нашата земја. Овие трошоци би биле значително повисоки и можат да достигнат до 60.000.000 денари, кога се користат услугите на инспекциски тела надвор од РМ, што е нешто повеќе од 10-кратно намалување на трошоците за бизнис-заедницата во Македонија само во еден сегмент“, објасни министерот Ристовски.