Се одржа 16-иот „ФИС Сноуборд Куп – Попова Шапка 2014“

Во организација на сноуборд клубот Полар, Скијачката федерација на Македонија, Елем Турс, викендов на Попова Шапка се одржа „ФИС Сноуборд Купот 2014“.

Учесниците на првиот натпреварувачки ден се натпреваруваа во дисциплината Биг Ер. Во машка конкуренција првите три награди ги понесоа натпреварувачите од Бугарија и тоа првото место му припадна на Петар Ѓошарков, второто на Георги Георгиев и третото на Митрев Симеон.

Во женска конкуренција најдобро пласирана беше Леа Југовац од Хрватска, веднаш по неа чешката натпреварувачка Станислава Славовова, а третото место го освои Паола Блашкович од Хрватска.

Најдобро пласиран Македонец беше Иво Коршуланин со освоено 10-то место, а потоа следуваа Бојан Андонов и Марко Пајковски.

Неделните натпреварувања беа планирани за дисциплината Слоуп Стајл, но поради лошите временски услови натпреварот беше откажан.

„И покрај огромните напори на организаторите и персоналот на скијачкиот центар Попова Шапка, неделниот натпревар во Слоуп Стајл не бевме во можност да го реализираме поради влошување на временските услови. Сепак имавме одличен прв натпреварувачки ден кој помина во одлична атмосфера, а натпреварувачите и организаторите се задоволни од одржаниот ФИС натпревар во Биг Аир, бидејки оваа сезона ова е единствениот одржан натпревар од овој тип на Балканот. За потребите на овогодишниот натпревар Сноуборд клубот Полар постави Слоупстајл патека која и по натпреварот ќе се користи како промотивен сноу-парк“, изјави Кирил Насков од клубот Полар.

Овој настан е дел од календарот на Светската скијачка федерација – ФИС и се одржува по 16.ти пат во нашата земја.

На натпреварите учестввуаа 40 натпреварувачи од повеќе држави: Македонија, Србија, Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина и Чешка кои си ги одмерија силите на патеката „Ајдучка рамнина“ (позната како „Пионир“ или „Ге“).

Сите учесници на овие натпреварувања добија ФИС поени- бодови многу значајни за понатамошните меѓународни натпреварувања, а на победниците им беа доделени атрактивни парични награди.