Писмо: Радиодифузна или радиоконфузна такса!?

Денес ми стигна „честитка“ – сметка за радиодифузна такса за месец јануари 2014, со рок за плаќање до 15 февруари 2014. На сметката јасно се гледа дека печатот за испраќање е „удрен“ на 20 февруари, значи цели 5 дена покасно од предвидениот рок за плаќање. И убаво си пишува дека на износот што нема да се плати во пропишаниот рок се пресметува и наплатува камата во висина од 0,03% за секој ден задоцнување.

Ова ми звучи како намерно задоцнување, да се доцни што е можно повеќе денови, за каматата да биде поголема. Или пак можеби сакаат некој Македонец да измисли времеплов, па убаво да си се вратиме пред 15-ти февруари за да си ги подмириме сметките.

Иако не се работи за голем износ, не е секогаш до износот, туку до принципот. За среќа, досега не е пресметана и наплатена камата, без разлика дали доцниш неколку денови или месеци.

Сакам само да упатам апел, за навремено пуштање на сметките или пак нека ни дадат поголем рок за плаќање. А, се дотогаш, оваа такса за мене останува радио-конфузна.

читател на WebOhrid

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.