Димовски: Евидентни резултатите од владините мерки во сточарството

Успешното функционирање на млекарниците во Македонија е потврда за веќе создадената доверба меѓу откупувачите и фармерите. Изминатите неколку години се зголеми бројот на овци и млечни крави благодарение на владините мерки во сточарството, особено на субвенционирањето за задржување женско јагне, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски по посетата на млекарницата „Ѓеоргиеви“ во Радовиш.

Според Димовски, воспоставена е агресивна политика за што поинтензивен откуп на кравјото и овчото млеко со цел поголемо производство.

„Мерките и натаму се насочени кон потикнување на развојот и зголемувањето на стадата овци кои моментно бројат околу 770.000 грла. Воведовме субвенција за овчо млеко како за кравјото. Воедно бележиме тренд на зголемување и стабилизирање на пазарот и на откупната цена во делот на краварството. Врзо основа на програмата што ја донесовме со сите здруженија, предвидовме и категоризација на млекото по квалитет, а врз основа на таа категоризација и зголемување на субвенциите“, нагласи министерот.

Тој најави нови мерки кои, реече, ќе бидат содржани во новата стратегија за развој на земјоделството. Овој документ Владата треба да го усвои во јуни годинава. Со него ќе се утврдат прваците за развој на македонскиот аграр.

Млекарницата „Ѓеоргиеви“ е отворена пред четири години, а веќе извезува во балканските држави и Австралија.

„Ова е успешна приказна во делот на производството на млечни производи, но и во делот на извозот. Отворена со почетни 1.000 литри преработка, млекарницата денес има капацитет од 7.000 литри, седум тони стабилно производство и воспоставени добри релации со кооперантите“, рече Димовски.

Министерот Димовски денеска имаше и средба со здруженијата на тутунопроизводителите од радовишкиот регион на која, напомена, ќе ги информира дека вишокот тутун од околу 350 тони ќе биде откупен од две фирми, а откупот треба да почне најдоцна кон крајот на неделава. Димовски се сретна и со градоначалникот на Општина Радовиш Сашко Николов.