Груевски: Затворено е прашањето со професионалните војници, решен е статусот на стечајците

Статусот на стечајците кои работеле во државни претпријатија со над 25 години стаж е целосно решен, а затворено е и прашањето со вработувањето на професионалните војници,истакна вечерва премиерот Никола Груевски.

Прашањата за стечајците и за професионалните војници не е ново, потсети Груевски додавајќи дека опозициската партија СДСМ имаше можност кога беше на власт да ги реши, но не го стори тоа.

 „Огромен број од тие стечајци е создаден во времето на транзицијата, на СДСМ, во времето на масовната приватизација. Ние сме единствената влада која се погрижила да го реши ова прашање. За професионалните војници прашањето е затворено. Сите по нивната 45 година ќе добијат работа во некоја од државните инситуции. Исто така опфатени се и оние на кои им прекинал договор и во рок од девет месеци ќе им биде понудено вработување“, рече Груевски во интервјуто за телевизија Сител.

Во однос на стечајците, додаде премиерот, треба да се прави разграничување на стечајни работници кои останале без работа во фирми со доминантно државен капитал и со доминантно приватен капитал.

„Ние направивме закон со којшто го решивме прашањето со стечајците кои биле во фирми со доминантно државен капитал, поради тоа што државата има директна или индиректна вина за одењето на тие фирми во стечај,“ изјави премиерот Груевски.

За оние кои работеле во приватни компании и таа пропаднала, посочи премиерот, тука државата не може да превземе вина.

„Не знам ниту еден случај во светот кадешто државата ги плаќа до пензија работниците од фирма која отишла во стечај, а била со приватен капитал“, рече Груевски.

Изврази жалење што дел од овие луѓе се злоупотребени од опозициската СДСМ.

„Некои од нив навистина имаат проблем, но поголем дел од оние што се собираат често пати се политички мотивирани или членови на главната опозициска партија,“ рече Груевски.