Ставрески: Сите тутунари ќе го продадат тутунот за 2014

Околу 17 отсто помалку ќе тежи годинашната реколта тутун, но сите производители кои лани склучија договори за откуп, тоа ќе може да го сторат и во 2014-та.

Со ова намалување на производството што  на средба го договорија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за земјоделство Љупчо Димовски, претставниците на тутунарите и откупните компании, заштитена ќе биде најранливата категорија производители која се занимава со оваа дејност од егзистенцијални причини и остварува максималне принос до 500 килограми.

„Во оваа тешка ситуација кога сите се соочивме со сериозен проблем однадвор, најдовме решение кое ќе ги задоволи сите страни. За 24.500 тутунари од вкупниот број, речиси ќе нема намалување на производството. Производителите може да бидат спокојни, ќе се заштитат сите што одгледуваат тутун од егзистенцијални причини. Може да бидат убедени и во сигурен пласман, “изјави Ставрески.

Тој појасни дека при склучувањето на договорите што треба да заврши до 10-ти април, количините ќе се усогласуваат пропорционално.

„Од вкупно 34.600 производители кои лани склучиле договори за откуп, 10.726 лица произведуваат до 500 килограми тутун и тие не треба да го намалат производството. Следната категорија која произведува од 500 до 1.000 килограми, а брои вкупно 13.803 лица, ќе треба да го намали производството за минимални пет проценти. Кај тутунарите, 8.190, кои произведуваат од 1.000 до 2.000 килограми, намалувањето ќе изнесува 20 отсто,…, “напомена Ставрески.

Според Димовски, испланирана производна количина од 25.000 до 26.000 тони која ќе се пласира без никаков проблем.

„Воопшто не станува збор за никакво редуцирање на површините, напротив. Во соработка со производтелите и откупувачите дојдовме до планирана оптимална количина. Целта е да се создаде стабилно производството, тутунарите да не се плашат дека воопшто ќе има намалаување и покрај критичната состојба во регионот пред се поради големите количини, но и залихите кај откупувачите“, посочи Димовски.

Претседателот на Сојузот на здруженијата на тутунопроизводители Данчо Милески изрази благодоарност до Владата која, нагласи, стори напори за да ги заштити земјоделците, особено најранливата категорија.

„Секој тутунар кој имал договор лани, ќе склучи и годинава со мало намалување кое за нас не значи ништо. Поради тоа, нема простор за паника како што беше случај изминативе денови,“ рече Милески, информирајќи дека и производителите претходно се солидаризираа, прифатија мало намалување на производството.

Милески укажа дека годинава производството на тутун е драстично зголемено, во соседните земји од 145 милиони килограми пред две години, на 170 милиони. За 2014-та најавите од Турција се зголемување на производството од 20 на 90 милиони килограми.

Одговорајќи на новинарско прашање, Ставрески потенцира дека Министерството за земјоделство, тутунарите и откупувачите треба да усогласат што е оптимално долгорочно производство на тутун во Македонија и ако има потреба да се искористи можноста за пренамена на земјиштето за други култури.

„Ние секако парите како субвенции ги издвојуваме од Буџетот. Земјоделците и натаму имаат сериозна поддршка од Владата. За 2015 година се проектирани 150 милиони евра, средства кои сакаме правилно да се искористат до последен денар. Ако има можност и потреба, можна е преориентација, но тоа е долгорочна тема, не нешто што може да се направи во текот на една година“, подвлече вицепремиерот.

Проблемот со евентуалното намалување на количините тутун во земјава е последица од намалената побарувачка на суров тутун на светскиот пазар. Поради тоа откупните компании се соочија со притисок за редуцирање на откупот.