Иванов: Ја претставувам вистината за Македонија

Претседателот на Република Македонија и кандидат за истата функција, Ѓорге Иванов, денеска ја промовираше својата програма и истакна дека е благодарен на граѓаните за довербата и за поддршката што му ја даваат.

„Посветено работев, имав преку 200 билатерални средби со шефови и државници, 150 средби со премиери, претседатели и шефови на дипломатија, 100 средби со високи претставници и верски лидери, 100 официјални работни и неформални посети и учества на меѓународни настани. Бев домаќин на над 40 официјални работни посети на шефови на држави во Република Македонија. Ги промовирав постигнувањата на Македонија, стекнував нови и го продлабочував традиционалното пријателство. Во кабинет примив над 5.000 граѓани и ги слушав и разговарав со нив. За нивните проблеми дознавав лично од нив. Се трудев да помогнам во рамки на надлежностите. Соработував со премиерот на Владата, со министри, но учествував и во економска промоција на Република Македонија. За многу мои проекти имав поддршка од стопанствениците, градоначалниците, професори, научници, спортисти, новинари, волонтери“ – истакна Иванов.

Во својот мандат, Иванов оствари бројни средби со граѓани од дијаспората и постојано се залагаше за одговорна надворешна политика и, како што посочи, градел безбедна и сигурна Македонија која чекори кон економски силна и развиена држава, каде што правото е еднакво за сите и се унапредува единството во различностите.

„Програмата што денес ја најавувам и со која повторно ќе барам доверба за да го продолжам она што го почнав во првиот мандат, најавувам програма на континуитет и доследност во ставовите на државните интереси, со нова енергија и перспективи за Македонија. Се раководам од интересите на Македонија и интересите на граѓаните, еднакво како и во програмата во 2009, Македонија да биде држава отворена кон сите, како татковина која лојално и посветено ја градиме како дом за сите нас. Владата гради патишта кои ги поврзуваат селата и градовите, но и со земјите во регионот. Се трудам физичкото поврзување на Македонија со регионот да го надградам со поврзување со луѓе и држави преку економска и политичка поврзаност. Тоа се коридори на државите кои градат заедничка иднина. Во светот ја претставувам вистината за Македонија и создавам нови пријателства “– додаде претседателот.

Како резултат на тоа, посочи Иванов, Македонија денеска е поатрактивна за странски инвеститори, почитувана по својата традиција.