Пополнување на МПИН пресметка за работодавачи кои се ослободени од плаќање на придонеси по основ на вработување на невработено лице до 29 години

Почнувајќи од 13.03.2014 година, работодавачите од приватен сектор кои ќе вработат невработено лице до 29 години возраст со полно работно време имаат право на ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување во рок од 12 месеци од вработувањето на лицето, под услови определени со член 98-б од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на РМ“, бр.44/14). 

Работодавачите можат да го искористат ова право започнувајќи со поднесувањето на МПИН пресметките за месец Март, кои се поднесуваат до 10 Април 2014 година.

За да може работодавачот од приватниот сектор да поднесе МПИН пресметка, во која ќе го користи правото на ослободување од плаќање на придонеси, потребно е:

Да има добиено Потврда од Агенцијата за вработување на РМ со која се утврдува право на ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за вработено невработено лице до 29 години возраст со полно работно време;

Пријавата за прием во осигурување (Образец М1) на лицето до 29 години возраст да има основ на осигурување 059 – лице до 29 години возраст за кое работодавачот има право на ослободување од плаќање на придонеси;

Да ја преземе новата верзија клиентски софтвер од 04.04.2014 година (кликни тука);

Да користи соодветна шифра за ослободување од плаќање на придонеси.

Шифри кои се користат во МПИН пресметката

Во МПИН пресметките кои ги поднесува работодавачот (со вид на обврзник 110, 111, 112, 116 и вид на обврска 100, 101, 103, 333, 600) за лицата до 29 години возраст во поле 3.23 од клиентскиот софтвер (МПИН пресметката) се пополнува една од следните шифри во зависност од правото на ослободување кое го има лицето согласно законот:

шифра 242 – за лицето до 29 години возраст за кое на работодавачот му е утврдено право на ослободување од плаќање на придонеси;

шифра 243 – за лицето кое е ослободено од плаќање на персонален данок од доход согласно член 98 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и воедно е до 29 години возраст и на работодавачот му е утврдено право на ослободување од плаќање на придонеси по тој основ.

Ослободување по видови на придонеси

Ослободувањето од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување се однесува на следните видови на придонеси:

Придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување;

Придонес за задолжително здравствено осигурување;

Дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување за случај на повреда на работа и професионално заболување;

Придонес за задолжително осигурување во случај на невработеност;

Придонес за стаж на осигурување кој се смета со зголемено траење.

Максимална висина на ослободувањето

Ослободувањето од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување на месечна основа е ограничено до висината на придонесите пресметани на просечната бруто-плата за претходната година објавена од Државниот завод за статистика (износот на просечната бруто-плата за 2013 година изнесува 31.025 денари). За разликата над просечната бруто-плата се пресметуваат и плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување.

Доколку лицето до 29 години возраст има плата која е повисока од просечната бруто-плата, МПИН пресметката се пополнува во еден ред при што се внесува вкупната бруто-плата на која се пресметуваат придонесите и се внесува соодветна шифра за ослободување (242 или 243). 

При обработката на МПИН пресметката, системот автоматски го пресметува износот на ослободувањето од плаќање на придонеси и истиот го прикажува во Декларацијата за прием. Пресметаните придонеси над износот на просечната бруто-плата се вклучуваат во Налогот ПП53 како износи за плаќање.

Приказ на ослободувањето во Декларацијата за прием

Во Декларацијата за прием која има статус “Прифатена“, во делот “Рефундирање на придонеси и ПД“ за секој поединечен придонес ќе биде внесен износот на придонес за кој на работодавачот му е утврдено право на ослободување. 

Износот на придонес внесен во делот “Рефундирање на придонеси и ПД“ ќе ја намали обврската за плаќање на вкупниот износ на придонес.

НАПОМЕНА: Работодавачите кои имаат право на ослободување од плаќање на придонеси и кои во МПИН пресметките имаат внесено шифра (242 или 243), а во Декларацијата за прием со статус “Прифатена“, во делот “Рефундирање на придонеси и ПД“ НЕМААТ износи за рефундирање, потребно е пред да извршат исплата на платата, да се обратат до УЈП (ДГДО/РД/ДО/ДШ) за дополнителна проверка на податоците.

 Губење на правото за ослободување од плаќање на придонеси

Доколку работодавачот го изгуби правото на ослободување од плаќање на придонеси по некои од основите наведени во член 98-б од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, должен е во рок од 15 дена да ги уплати придонесите од задолжително социјално осигурување и да уплати камата за задоцнето плаќање на придонеси согласно со закон.