Промовиран „Македонскиот информативен систем за шумски пожари“

Втората верзија на „Македонскиот информативен систем за шумски пожари“, која се темели на современа информатичка технологија и е во функција на следење, проценка на ризикот и оперативна координација во случаи на справување со ризикот од шумски пожари, денеска беше промовирана.

Овој систем во јули минатата година беше ставен во почетна оперативна употреба, познат како МКФФИС и од тогаш беше во тест фаза. Во втората фаза од неговиот развој се направиени сите неопходни подобрувања, со додавање нови карти, алатки и функции со што на корисниците им се обезбедува лесен, брз и разбирлив пристап.

Системот се реализира со поддршка на Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) и во соработка со повеќе државни институции, како министерствата за земјоделство, шумарство и водостопанство, за животна средина и просторно планирање, Управата за хидрометеоролошки работи, Дирекцијата за заштита и спасување, ЈП „Македонски шуми“ и други.

„Реализацијата на овој проект има јавен интерес бидејќи шумите во нашата држава претставуваат национално богатство, а нивната заштита претставува институционална обврска. При реализацијата на проектните активности беа вклучени повеќе владини институции, едни во улога на „data providers“, a други како корисници на продуктите на системот. Центарот за управување со кризи ја имаше улогата на координатор“, истакна на денешната презентација министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски. Тој додаде дека овој систем е познат како MKFFIS, по примерот на Европскиот информативен систем за шумски пожари EFFIS.

Овој систем, како што рече, се темели на интегрирана и веб базирана ГИС платформа, која поврзува повеќе институции кои имаат улога во заштита од шумскиите пожари.

 „Македонскиот информативен систем за шумски пожари“ претставува современ географски информациски систем кој ќе ја зајакне меѓуинституционалната комуникација, координација и брза размена на податоци и во голема мера ќе придонесе за вопсоставување на Национална инфраструктура на просторни податоци, за која неодамна беше донесен и закон“, рече Ивановски.

Директорот на Центарот за управување со кризи Зулфи Адили потенцира дека овој систем е важен за државата и за граѓаните од аспект на превенција и рано предупредување.