Богати културни активности во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија

Во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија во периодот што следува, со поддршка од Министерството за култура, ќе се реализираат повеќе културни настани преку кои македонската култура ќе биде претставена во бугарската престолнина.

На 29 април, во организација на Националната галерија на Македонија, ќе се реализира изложбата „Акварели“ на македонскиот ликовен уметник Илија Кавкалески. 

По успешното прво учество на Република Македонија на големата поетска манифестација на европските литератури, и годинава на 14 мај македонската литература ќе биде претставена на манифестацијата „Литературна ноќ“ на која ќе учествуваат сите странски културни центри и институти што имаат свое седиште во Софија.

На овој настан, кој е во организација на Европската асоцијација на културни институции и кој по третпат се одржува во Софија и во десетина поголеми градови во Бугарија, годинава ќе биде презентирана стихозбирката „Раѓање на зборот“ од Ацо Шопов, преведена на бугарски јазик. Исто така,  на  15 мај во ова македонско културно катче во Софија е планирано да биде претставена ликовната изложба „Орнаментите на Атанас Атанасоски и Марина Лешкова“ во организација на Музејот на современата уметност од Скопје.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Според информациите од Културно-информативниот центар, годинашната програма, која е содржински богата и квалитетна, ја проследиле голем број посетители, меѓу кои и претставници на странски амбасади во Софија, претставници на други културни центри во оваа метропола, но и странци кои живеат и работат во Софија.

Културно-информативниот центар во Република Бугарија е основан на 27 април 2005 г. со одлука на Владата на Република Македонија, во согласност со Законот за надворешни работи и Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Бугарија. 

КИЦ на Република Македонија во Софија располага и со богат библиотечен фонд со над 4000 наслови и има редовни посетители кои изнајмуваат книги, користат бесплатен интернет или добиваат рекламен туристички материјал со кој располага Центарот.