Во сезоната 2013/2014 бројот на заболени од грип изнесува 28.853 лица

Во текот на 16-тата недела од 2014 година (од 14.04.2014 – 20.04.2014 година), во Република Македонија пријавени се 105 новозаболени лица од грип/заболувања слични на грип, што е намалувaње од 52,9% во однос на минатата недела и 50% во споредба со бројот на заболени во 16-тата недела минатата сезона. 

Во однос на просечниот број на заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, бројот на пријавени случаи е поголем за 2,7 пати.

Во сезоната 2013/2014 (заклучно со 16-тата недела) вкупниот број на заболени од грип во републиката изнесува 28.853 (МБ 140,4/10.000).  

Во споредба со истиот период од минатата година, овој број е поголем за 16,1%, а во однос на просекот за 10-годишниот период, се регистрира зголемување за 59,7%.

Во текот на 16-тата недела нема регистрирано смртен случај асоциран со инфекција со вирусот на грип, а вкупниот број на починати лица во оваа сезона останува 12.

Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци, покажува дека во февруари се пријавени 49,8% од вкупниот број случаи во целата сезона. Во јануари се регистрирани 23,6% од заболените, во март – 21%, а во април месец – 2,2% од случаите.

Најголем број на заболени во текот на оваа сезона се регистрирани на територијата на ЦЈЗ Скопје – 4.120 заболени и ЦЈЗ Прилеп – 3.971, а најголем морбидитет (754,3/10.000) е регистриран во ПЕ Кавадарци.

Во однос на возрасните групи, во сезоната 2013/2014 најголем број заболени се регистрираат во возрасната група од 15-64 години – 65,1%, а најголем морбидитет (238,2/10.000) е регистриран кај децата до 4-годишна возраст.

Во текот на 16-тата недела од 2014, до вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ не е пристигнат ниту еден материјал за тестирање на присуство на вирусот на инфлуенца.

Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 203 хумани материјали, од кои 125 или 61,6% биле позитивни на вирусот на инфлуенца. 

Од позитивните, 89,6% материјали се конфирмирани како инфлуенца А, а кај 10,4% е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот. 

Од инфлуенца А позитивните, 17% се конфирмирани како инфлуенца A/H1N1pdm 09, 34,8% материјали се позитивни на инфлуенца А/H3N2, а 48,2% се нетипизирани инфлуенца А вируси.

Интензитет на активноста на вирусот на грип е низок, се задржува трендот на континуирано опаѓање на бројот на заболени. 

Се регистрираат спорадични случаи на заболување.

Во извештајот за движењето на вирусот на грип во сезоната 2013/2014 во Европа, според информациите на електронскиот неделник на WHO – Euroflu за 15-тата недела, стои дека активноста на вирусот на грип се врати на предсезонско ниво, а процентот на позитивни тестирани примероци се намали во текот на оваа недела. 

Во Европскиот регион на СЗО ко-циркулираат и двата подтипа на инфлуенца А, инфлуенца A(H1N1)pdm09 и A(H3N2). 

Оваа сезона е многу низок процентот на детекција на инфлуенца Б вирусот. 

Земјите кои даваат податоци за SARI хоспитализации продолжуваат да пријавуваат, но со намален интензитет. Податоците од оваа недела треба да се интерпретираат со резерва, со оглед на празниците и неработните денови.

Од почетокот на сезоната, 7 земји пријавиле 4.582 хоспитализации на пациенти, лабораториски позитивни на грип: 99% како резултат на инфекција со influenza A (воглавно A(H1)pdm09) и 1% со influenza B. 

Пет земји пријавиле вкупно 391 смртен случај, 99% поврзани со инфекција со influenza A (од субтипизираните, 81% – A(H1)pdm09 и 19% – A(H3)) и 1% со influenza B.