Јавна трибина за поттикнување на навивачката свест

Јавната трибина на Здружението на граѓани, невладина организација, Трибина за единство и Фудбалската федерација на Македонија се одржа на 17 април 2014 година во салата за прес конференции во Арената Филип Втори.

Воведен говор одржа Димитар Зисовски, Генерален Секретар на Фудбалската Федерација на Македонија.

Модератор на трибината беше Кирил Миноски, магистер по економски науки и искусен познавач на навивачкото движење и аналитичар за дејствијата и организацијата на навивачките групи.

На трибината присуствуваа претставници и членови на навивачки групи од Скопје.

Според најавениот дневен ред, модераторот на трибината ги презентираше компаративните искуства на балканските земји (Хрватска и Србија) за спречување на насилство и ги презентираше законските регулативи во овие земји како споредба со актуелниот Закон за спречување на насилство и недостојно однесување на спортските натпревари во Република Македонија.

Навивачите посочија  на неколку сегменти од законот кои ги третираат за несоодветни за наши услови, изразија задоволство за можноста да се разговара за недоследностите во Законот и укажаа на потреба од вакви трибини на тема навивачко движење. Тие изразија подготвеност да разговараат и да се состануваат со ФФМ во насока за подобрување на посетеноста на фудбалските натпревари во македонските фудбалски првенства и на натпреварите на националните фудбалски репрезентации со посебен акцент за организација на јавни трибини каде што ќе можат да го пласираат искуството, задоволството и незадоволството  од случувањата на спортските натпревари.

Од одржаната трибина се наметнуваат препораки дека се неопходни кампањи за подобрување на организацијата и посетеноста на првенствените и репрезентативни натпревари, како и непосредна соработка со навивачките групи.

Од голема полза би биле организирани трибини за зголемување на навивачката свест и поттикнување на љубовта и изразена подршка кон фудбалската репрезентација на Македонија, како и едукативни часови и трибини со школската популација во насока да се развива чувството безрезервна поддршка и навивање за македонските клубови и фудбалската репрезентација на Македонија.

Следните трибини ке се одржат во Битола (19 – 23 мај, 2014г.) и Тетово(22-26 септември, 2014г.).