Донесена одлуката за намалување на ДДВ кај бебешките производи, училишниот прибор

Владата донесе одлука за намалување на стапката на Данокот на додадена вредност (ДДВ) за бебешките производи, училишниот прибор, сточната храна и адитивите на сточна или добиточна храна и  жив добиток.

Како што информира премиерот Никола Груевски на прес-конференција, Владата на денешната седница го прифати Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за ДДВ со кој се намалува стапката кај овие производи од 18 на пет отсто.

„Новото законско решение се очекува да стапи на сила по формирање на новиот парламентарен состав и по изгласувањето на одлуката во Собранието што очекуваме да се случи кон крајот на мај или во текот на јуни. Фискалните импликации што ќе ги предизвика законското решение ќе изнесуваат 380 милиони денари на годишно ниво или половина за годинава, бидејќи остануваат уште шест месеци до крајот“, рече Груевски.

Истакна дека намалувањето на ДДВ за овие производи ќе предизвика намалување на данокот што го плаќаат продавачите поради што очекува тоа да влијае на намалување на цените за крајните потрошувачи.

„Со тоа ќе им се помогне на родителите за намалување на нивните трошоци за децата. Со измените дополнително ќе се влијае врз цените на добиточната храна, како и врз цената на живиот добиток со што ќе се придонесе за стимулирање на земјоделското производство на месо и млечни производи, како и за зголемување на конкурентноста на македонското стопанство преку намалените цени“, истакна Груевски.

Со тоа, како што посочи, директно или индиректно ќе се намали цената на чинење на производот и ќе се подобри конкурентноста на фирмите што ги произведуваат.

„Ова потенцијално може да биде и стимул  за зголемување на извозот на овие македонски производи, но и зголемување на конкурентноста  на пазарот со увезените производи. На тој начин ќе им се помогне директно на македонските компании кои произведуваат вакви производи, но и на потрошувачите затоа што ќе се овозможи  поевтина цена до крајниот потрошувач“, прецизира Груевски. 

Прашан за коментар какви последици ќе предизвика одлуката на СДСМ да ги врати добиените пратенички мандати на изборите, премиерот Груевски рече дека смета оти тоа е штетна одлука и за државата и за партијата која што ја носи.

„Партијата се уште има време да ја преиспита одлуката до формирањето на Парламентот“, нагласи Груевски.