ФФМ со поддршка на УЕФА обезбеди донација за осветлување и нова тревна подлога на пет стадиони

Фудбалската федерација на Македонија аплицираше во УЕФА за добивање средства од „хет-трик“ програмата на УЕФА со намена за реконструкција на пет фудбалски стадиони  со природна трева и осветлување со стандарди за меѓународни натпреварувања.

„Хет трик“ е развојна програма на УЕФА, преку која Европската фудбалска асоцијација ги поддржува своите членки во областа на спортските, инфраструктурните и образовните потенцијали на федерациите.

Реализацијата на проектот за кој аплицираше ФФМ треба да биде во соработка со единиците на локалната самоуправа, a првиот услов за изградба или реконструкција  на стадионот и осветлување е истиот да биде во сопственост на државата, односно општината.

Општините – учесници во проектот ќе бидат во договорен однос со ФФМ и УЕФА. Општините во заедничкиот проект ќе имаат обврска да изградат трибини (задожително една покриена трибина со најмалку 5000 седишта), како и инфраструктурно уредување на под трибинскиот простор, односно соблекувалните и просторите за службените лица да бидат направени според критериумите на УЕФА.

Управниот одбор на ФФМ формираше ад хок комисија за разгледување на апликациите од заинтересираните општини за користење на средствата обезбедени од УЕФА преку програмата „хет трик 4“. Во работата на Комисијата учествуваат претставници од Агенцијата за млади и спорт и Министерството за локална самоуправа.

Подготовките за имплементација на овој проект се започнати и во претстојниот период ќе следи избор на општини кои изразиле интерес за учество во овој проект.

По целосната реализација на проектот се очекува стадионите во големите фудбалски центри да добијат нов лик, а со тоа и навивачите ќе се вратат на трибините затоа што ќе имаат одлични услови за гледање фудбалски натпревари.

Фудбалската федерација на Македонија дополнително ја заработи поддршката од УЕФА со тоа што проектот за изградба на десет терени со вештачка трева успешно се спроведува и до крајот на оваа година ќе биде во целост реализиран, по што може да се истакне дека инфраструктурно нашата држава се збогати со 10 нови терени со вештачка трева по највисоки УЕФА  стандарди  за  помалку од 2 години.