Стипендирани 623 средношколци Роми за поголема интегрираност во образованието

Вкупно 623 средношколци Роми за оваа учебна година добија стипендии во рамки на проектот за стипендирање, менторство и туторство што петта година по ред го реализира Министерството за образование и наука во соработка со Ромскиот образовен фонд од Будимпешта.

Од нив, 412 средношколци кои имале успех од најмалку 3,5 добија стипендии во висина од 2.200 денари, додека 211 средношколци со просечен успех од најмалку 3 беа стипендирани со 1.500 денари.

Оваа учебна година беа стипендирани и 102 наставници ментори кои за својот ангажман околу овие ученици добија надоместок од 3.000 денари за девет месеци, како и 11 наставници тутори кои за својот ангажман во мај ќе добијат хонорар од 3.000 денари. 

За реализација на овој проект годинава се одвоени околу 6 милиони и 300 илјади денари буџетски средства.

Според министерот за образование и наука Спиро Ристовски, со овој проект се подобрува интеграцијата на средношколците Роми во образовниот систем и преминот од една во друга учебна година.

„Најважен показател за неговата успешност е зголемениот среден успех на учениците, кој од 3,56 во учебната 2010/2011 година се зголеми на 3,83 во минатата 2012/2013 година. Оваа учебна година очекуваме уште подобри резултати“, истакна Ристовски на прес-конференција.

Најави дека во фаза на подготовка е нов план за следните четири учебни години со кој ќе им се даде поддршка на средношкците Роми и нивна подобра интеграција во образовниот систем.

Директорот на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, Реџеп Али Чупи оцени дека како резултат на проектот зголемен е процентот на премин на средношколците Роми од една во друга учебна година.

 Во изминатите четири години имавме 2.239 стипендисти подржани со стипендија и менторство, а од нив успешно 2.209 ја завршиле учебната година и преминале во следната. Тоа укажува на еден висок индикатор на проодност од година во година на средношколците Роми, нагласи Чупи.

Во рамки на проектот во изминатите пет години вкупно стипендирани се 2.862 средношколци Роми, ангажирани се 661 ментор и за првпат годинава 11 наставници тутори.