Македонија ја потпиша РИНК конвенцијата и СМАРТ програмата на ЕХФ

Македонија влезе во СМАРТ програмата на ЕХФ, и ја потпиша РИНК конвенцијата, што значи дека во следните три години ќе добие помош од 45.000 евра за развој на училишниот спорт, и во иднина тренерите што ќе бидат лиценцирани од страна од страна на РФМ ќе можат да добијат работа во било која земја потписничка на овој договор.

Договорот меѓу РФМ и ЕХФ беше потпишан на фајналфор-турнирот во Будимпешта, со што нашата земја ќе стане полноправна членка на Ринк конвенцијата, а тоа пак значи дека тренери од нашата земја ќе можат да се лиценцираат за да водат екипи во натпреварите на ЕХФ.

Оние што нема да ги исполнуваат потребните квалификации (Ринк лиценца) веќе од 1 јули нема да смеат да водат национален тим или екипа во Лигата на шампионите или кој било куп под капата на ЕХФ. Ова ќе има важност во сениорските, но и во сите младински категории.

Европската ракометна федерација и РФМ потпишаа договор за тригодишна соработка во рамките на СМАРТ-програмата. Станува збор за финансирање на ракометот во пониските возрасни категории, пред сѐ во училиштата и помагање со реквизити и стручни лица кои би ги тренирале децата. Целта е ракометот да стане поблизок спорт за „основците“ кои понатаму треба да продолжат и со активното тренирање и продолжување во ракометни школи и клубови.

Ова е првпат Македонија да добие ваква помош и во таков обем од ЕХФ и истата да ја искористи во едукација и за подигање на свеста и приближување на ракометот до помалите возрасни категории.

Вкупната вредност на СМАРТ програмата е над 45.000 евра кој треба да биде распределен во три години, од што дел ќе биде искористен за набавка на топки со различна големина (за различна возраст), а другиот дел ќе се искористи за купување на помагала, како стативи, маркери, други помагала за изведување тренинг, но и за ангажирање на предавачи за едукација на тренери и на децата.