Попоски: Интересот на ЕУ е обединет и просперитетен Балкан

Македонската порака денеска во Солун беше многу јасна, а тоа е дека исто толку сериозно колку што ги имаме прифатено сите барања и очекувања за исполнување на критериумите, исто толку сериозно очекуваме и да биде задржан процесот на проширување од  страна на ЕУ.

Ова го изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски кој денеска во Солун учествуваше на министерскиот состанок ЕУ-Западен Балкан, кој воглавно беше посветен на 11. годишнината од Солунската агенда.

„Упативме признание и до Европската комисија која и покрај сериозен политички притисок опстои пет години во нејзината објективна оценка дека Република Македонија ги има исполнето сите критериуми за почеток на преговорите и сметаме дека само на тој начин можеме да ја засилиме европската агенда која исто така е неопходна и за земјите кои се кандидати и за земјите кои се во ЕУ, а припаѓаат на нашиот регион“истакна Попоски.

Тој потсети дека од овој град беа поставени темелите, беше испратена силна порака до земјите од Западен Балкан дека нивната иднина е во Европската унија. Во меѓувреме, Македонија исполни 10 години од Спогодбата за асоцијација и стабилизација, веќе шест години ги исполни сите критериуми за отпочнување на преговорите, „така што нема порелевантно место и нема порелевантна тема од тоа да се адресира кредибилитетот на процесот од аспект на тоа кои се очекувањата за оној што треба да се приклучи и од аспект на тоа кои се испорачаните ветувања од земјите членки и особено од домаќинот – грчкото претседателство со Европската унија“.

Попоски информира дека учесниците на состанокот имале отворена и корисна дискусија околу тоа кои се очекувањата, кој е сегашниот статус и што би требало да се преземе во иднина.

„Сметаме дека главно ќе биде надминувањето на одредена недоверба која е базирана на неносење одлуки и оти за носење одлуки е потребна визија и долгорочна стратегија, на линија на она ветување од Солун пред 11 години дека сите земји од регионот ќе бидат дел од Европската унија. Тоа е очекувањето кое е од заеднички интерес за сите и тука сметам дека и Република Македонија и Грција и самата Европска унија треба да ги влечат следните потези во однос на тие очекувања“, изјави тој.

Попоски на состанокот упати порака дека „определено ниво на недоверба или чувствителност во однос на испорачувањето е со оглед на тоа што тоа ветување е упатено од земјата претседавач, актуелен и тогашен за време на Солунскиот самит, и дека токму поради тие опструкции кои произлегуваат од тука не сме во можност петта година да ги поченеме преговорите“. Тој истакна дека е потребно да се гледа интересот на ЕУ, а денешниот контекст треба уште повеќе да не мотивира да се вратиме на основната цел, а тоа е обединет и просперитетен Балкан.

Во однос на почитување на меѓународното право, министерот Попоски рече и денеска тоа прашање било многу актуелизирано.

„Тоа што го констатиравме е дека во процесот на носење одлуки во однос на почеток на преговори во минатото сме виделе дека не еднаш почитувањето на меѓународното право било ставено во сенка на позицијата на сила. Она што го наметнува оној кој е внатре во клубот не секогаш е на линија на почитување на меѓународното право и тоа е една аномалија која, во интерес на сите, би требало да биде исправена во следниот период“, подвлече Попоски.

Зборувајќи за кредибилитетот, во процесот на проширување, министерот истакна дека треба секако да посветиме внимание на исполнување на критериумите за кандидатите да го задржат кредибилитетот, но исто толку важно е и да ги запамтиме и ветувањата на Европската унија и на земјите членки кога се носат одлуки во Европската унија во однос на почеток на преговори за Македонија, или преминување во следна фаза во однос на било која друга земја од регионот.

Коментирајќи ја актуелната политичка ситуација во Македонија, Попоски рече дека било кој бојкот или игнорирање на институции нема да биде позитивен за Македонија во однос на евроатлантската агенда, туку само ќе биде искористен како аргумент од страна на тие кои не сакаат да напредуваме во однос на европските интеграции.

Во врска со преговорите за името кои ги води медијаторот Нимиц, Попоски повтори дека македонската страна е подготвена во секој момент да го ислуша, и додаде дека нашите позиции се многу јасни и принципиелни и секогаш се повикуваме на принципи и почитување на меѓународното право.

Шефот на македонската дипломатија денеска во Солун имаше и работен појадок со еврокомесарот Филе, заедно со колегите од земјите кандидати и потенцијални кандидати. Тие дискутирале за економската агенда, односно што е она што може да го направи Европската комисија дополнително за да им помогне на земјите кандидати и потенцијални кандидати да се прилагодуваат на она што се слулува во Европската унија. Тие исто разговарале и за што е тоа што може да се направи заеднички со цел привлекување поголеми финансии и од ЕУ и од меѓународните финансиски институции за реализација на крупни инфраструктурни проекти.

На маргините на состанокот Попоски имаше и неформални средби со повеќе колегите од регионот и од ЕУ, меѓу кои и со Венизелос.