Државата ќе поддржи отворање нови 400 мали бизниси

Нови 400 невработени лица регистрирани во Агенцијата за вработување на Република Македонија од утре ќе можат да аплицираат на огласот за грант вреден 3.000 евра, неповратни средства кои ги доделува државата за отворање сопствен бизнис.

„Ги повикувам сите невработени лица кои имаа бизнис идеја да ја искористат оваа шанса и да аплицираат. Ова е одлична можност да добијат поддршка и да се самовработат, да развијат сопствен бизнис кој ќе придонесе и во развојот на македонската економија и во отворање нови работни места“, истакна на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Тој појасни дека покрај грантот од 3.000 евра во форма на опрема и репроматеријали, учесниците во програмата за самовработување добиваат и низа други придобивки кои, како што потенцира, треба да им помогнат да станат успешни претприемачи, како што е обука за претприемништво, ескпертска поддршка за развивање на својата бизнис идеја во одржлив бизнис план и советодавна поддршка при регистрацијата на бизнисот.

Оваа година, додаде министерот Спасов, најдобро оценетите 50 бизнис планови ќе имаат можност да добијат грант со дополнителни 1.500 евра за едно дополнително вработување во новоформираната фирма.

Спасов појасни дека ова е втор циклус од програмата за вработување, а оти со првиот циклус, кој започнал во јануари годинава, грант треба да добијат 500 невработени кои крајот на јуни би требало да ги основаат своите фирми.

На таков начин, рече министерот, со отворањето на дополнителните 400 фирми од овој втор циклус ќе се заокружи планираниот број на вкупно 900 бизниси кои ќе бидат отворени од невработени лица со помош од државата.

„Бројките од оваа програма ја потврдуваат нејзината успешност. Во изминатите седум години од 2007 до 2013 вкупно 5.835 граѓани го започнале својот бизнис, 75 проценти од нив се одржливи и успешно функционираат, а многумина веќе отвориле дополнително вработување за членови од нивните семејства или други невработени лица“, истакна Спасов.

Тој информира дека досега над 21.000 невработени лица аплицирале во програмата, а над 7.000 кандидати завршиле обука за претприемништво и бизнис планирање со што, како што истакна, се стекнале со основни знаења и вештини од областа на менаџментот, финансии, маркетинг, продажба и деловно планирање.

„Ова укажува на огромниот претприемачки потенцијал во земјата кој ние како Влада го поддржуваме и ќе продолжиме да го поддржуваме и во иднина“, истакна Спасов.

Во изминатите седум години за оваа програма Владата има вложено околу 18,5 милиони евра, а со оперативниот план за годинава дополнително се обезбедени околу 3,3 милиони евра средства од Буџетот.

Огласите за оваа програма и условите предвидени во нив заинтересираните можат да ги најдат на веб страниците на АВРМ www.avrm.gov.mk , на Министерството за труд и социјална политика www.mtsp.gov.mk и на инфо страницата www.samovrabotuvawe.mk .

Директорот на Агенцијата за вработување на РМ Влатко Поповски најави дополнителен оглас за дополнителни вработувања во веќе постоечки микро и мали претпријатија во вид на помош од 1.500 евра неповратни средства, за опрема или репроматеријали.

Програмата, појасни тој, е оформена во 2010 година како помош на „старт ап“ бизнисите отворени преку Програмата за самовработување. Во текот на 2012 и 2013 таа била проширена и на другите микро и мали претпријатија. Досега учествувале 224 фирми, а за околу 327 лица биле искористени средства. Од 2010 до 2013 година вкупно 30 милиони денари се одвоени за оваа програма.

Поповски ја оцени оваа програма како успешна, бидејќи, како што рече, над 95 проценти од луѓето вработени преку неа се се уште во компаниите.

„Затоа ги повикувам сите компании кои се од микро и мал обем да се јават на оваа програма бидејќи ќе можеме да исфинансираме вработување до пет работни места со грант до 1.500 евра за секое работно место или вкупно 7.500 евра за пет вработувања“, рече Попоски.

Обврска на работодавчите кои на ваков начин ќе вработат нови лица е да ги задржат на работа во текот на една година.