Тунтев: Верификацијата на мојот мандат за пратеник во Собранието на Р.Македонија е насилна, противуставна и противзаконска

Власта на ДПМНЕ покажа дека нема никакви граници во непочитувањето и прекршувањето на Уставот и законите во Република Македонија, вели претседателот на ОО СДСМ Охрид, Томислав Тунтев.

Верификацијата на неговиот мандат за пратеник во Собранието на Република Македонија,  тој дека смета дека е насилна, противуставна и противзаконска.

„Моите права, како граѓанин и државјанин на Република Македонија, што ми се загарантирани со Уставот и со законите, од страна на власта на ДПМНЕ ми се загрозени и оневоможени, поради следните причини:

1. Не е прифатена мојата Изјава, заверена на нотар и испратена до ДИК на 05.05.2014 год., со која „не го прифаќам мандатот за пратеник во Собранието на Република Македонија и барам да не ми биде извршена верификација на истот“. Точен е фактот дека во Законот за Собранието на Република Македонија не постои одредба која предвидува враќање, односно неприфаќање на добиениот мандат, но тоа не значи дека враќањето, односно неприфаќањето на мандатот за пратеник е недозволено, односно забрането. Имено, во членот 8 од Уставот на Република Македонија, каде што се наведени темелните вредности на уставниот поредок во нашата држава, покрај другото, во последниот став стои: Во Република Македонија слободно е се што со Уставот и закон не е забрането. Нека најде било кој од „големите и стручните“ правни експерти, кои делувааат исклучиво во партиски интерес на ДПМНЕ, било каква одредба, во Уставот или во било кој друг закон, дека враќањето, односно неприфаќањето на мандатот за пратеник е забрането, односно дека не е дозволено. Значи, како прво, со насилната верификација на мандатот за пратеник е прекршен Уставот на Република Македонија, и тоа од страна на институцијата што е најповикана да го штити и почитува;

2. Со насилната и противуставна верификација на мандатот за пратеник извршена е повреда на моето законско право да ја извршувам функцијата советник во Советот на Општина Охрид. На тој начин се прекршени и не се испочитувани одредбите од Законот за локални избори, од Законот за локална самоуправа (член 35, 38 и 46), како и од Статутот на Општина Охрид (член 40, 41 и 66). Имено, во 2013 година, на локалните избори, јас по втор пат добив мандат да ја извршувам функцијата советник во Советот на Општина Охрид. Тој мандат, согласно изборните закони, на изборите ми го дадоа граѓаните на Општина Охрид и јас тој мандат го прифатив. При прифаќањето на советничкиот мандат, јас потпишав Изјава и дадов свечена заклетва, со која се обврзав дека чесно ќе ја изршувам функцијата советник и дека ќе ги почитувам Уставот и законите на нашата држава. Согласно наведените законски одредби, тој мандат е неотповиклив. Значи, противзаконски е насилното одземање на советничкиот мандат без моја согласност, односно без да ми се овозможи да се изјаснам кој мандат сакам да го извршувам – да продолжам со советничкиот или да го прифатам пратеничкиот. На тој начин, ускратени се моите слободи и права, како народен избраник, сам да одлучам за избор на мандат даден од народот – дали да останам советник или да станам пратеник;

3. Во точка 2 од член 7 од Законот за Собранието на Република Македонија стои: Функцијата пратеник е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии, утврдени со закон. Функцијата советник е јавна функција, што е утврдена со Законот за локална самоуправа и со Законот за локални избори. Тоа значи дека противзаконски е било која државна институција, орган или тело насила да ме прогласи за пратеник, затоа што таа функција е неспоива со функцијата советник, што ја извршувам. Практично, тоа законски значи дека прво треба да ми заврши, да ми престане или да ми прекине функцијата советник, а потоа да ми се верификува мандатот за пратеник. Тоа значи дека јас прво треба да поднесам оставка на функцијата советник, како што тоа е предвидено со законските одредби, па потоа да ми биде верификуван добиениот мандат за пратеник. И поради тоа, верификацијата на мандатот за пратеник е незаконска;

4. Со насилната, противуставната и противзаконската верификација на мојот мандат за пратеник, како и на другите советници од другите општини, се направи грубо кршење и непочитување на воспоставената и применетата правна пракса во Република Македонија. Имено, во 2011 година, по завршувањето на предвремените парламентарни избори, на Ивица Коневски, Марјан Ристевски, Зоран Заев и на уште неколку други кандидати за пратеници, од страна на Собранието на Република Македонија им беше прифатено враќањето на мандатите за пратеници. Значи, на нивно барање, нивните мандати за пратеници не беа верификувани и тие продолжија да ги извршуваат своите мандати за градоначалници. Идентично како и за градоначалник, и мандатот за советник се добива на локални избори. Се поставува прашањето – како било можно и законски во 2011 година Собранието да прифати враќање на мандатите за пратеници, а сега, само 3 години подоцна, тоа да биде невозможно и незаконски. Тоа само ја покажува недоследноста, непринципиелноста и непрофесионалноста на власта во почитувањето и спроведувањето на Уставот и законите во Република Македонија.“- истакна претседателот на ОО на СДСМ Охрид, Томислав Тунтев.

Поради сето ова вели Тунтев, советниците од редовите на СДСМ, кои добиле мандат за пратеници на последните избори, кои одбиле да го прифатат тој мандат и побарале да не биде извршена верификација на истиот, ќе поднесат тужби до Управниот суд.

„Со тужбите ќе бараме заштита на загрозените слободи и права, што ни следуваат според Уставот и законите во Република Македонија, поради насилното, противуставното и противаконското верификување на нашите мандати за пратеници. Секако, за сето ова ќе бидат детално запознаени сите и релевантни меѓународни институции, посебно оние кои се занимаваат со заштитата и почитувањето на човековите права.“– додаде Тунтев.

WebOhrid