Отворен четириесет и шести по ред детски семафор

Државни натпревари „Детски семафор 2014“ и „Сообраќајно-техничка култура на младите“ се одржуваат денеска во ОУ Војдан Чернодрински во скопската наслеба Тафталиџе.  

Двете традиционални сообраќајно-воспитни натпреварувања, организирани од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата заедно со министерствата за образование и наука, за внатрешни работи и за локална самоуправа, се дел од програмата за одбележување на акцијата Мај-месец на велосипедистите.

Државните натпревари ги отворија министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Никола Ангеловски.

Министерката Јанкулоска во обраќањето рече дека основната цел на спроведувањето на тие сообраќајни натпревари кои традиционално се одржуваат по 46.пат е едукација на децата и младите од областа на сообраќајот, подигнувањето на нивното на сообраќајно-техничката култура со крајна цел зголемување на нивната безбедност како учесници во сообраќајот. Таа нагласи дека во тек е заедничка кампања на МВР и РСБСП и повеќе партнери со кои сакаат да ја зголемат безбедноста на велосипедистите како учесници во сообраќајот.

M4034S-4211

„Владата во соработка со општините и во наредниот период ќе продолжат со координираните мерки и активности за создавање подобри и побезбедни услови за велосипедистите, преку обележани велосипедски ленти и патеки и преку подигнување на јавната свест особено на возачите на моторни возила за поголемо внимание и толеранција кон возрасните и децата велосипедисти,“ посочи Јанкулоска.

Потенцира дека нетолеранцијата и непочитувањето на правилата од страна на сите учесници во сообраќајот, без оглед дали се возачи, пешаци, велосипедисти млади или возрасни, само го зголемува ризикот од несреќи кои многу чести завршуваат со фатален исход.

„Младите треба да бидат едуцирани систематски и континуирано од рана возраст со цел долгорочно да создадеме учесници во сообраќајот кои правилно ќе се однесуваат и ќе ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Денес се натпреваруваат и учениците од средните училишта во Сообраќајно техничка култура кои покрај тестирањето ќе ги одмерат вештините и во возење со мопеди“, додаде Јанкулоска.

Ангеловски рече дека на државните натпревари „Детски семафор 2014“ и „Сообраќајно-техничка култура на младите“ им претходеле натпреварите на општинско и на регионално ниво со учество на повеќе од 200 илјади ученици во основните и средните училишта.

Едукативно воспитната компонента и подигнувањето на јавната свест, посочи тој, е мошне важен дел од комплексните мерки и активности во унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата.

„Притоа, особено е важна едукацијата на децата и на младите. Тие се една од најранливите категории учесници во сообраќајот и затоа сите надлежни институции и организации како и сите други субјекти и пошироката општествена заедница и натаму треба интензивно да делуваат во насока на унапредување на нивната безбедност во сообраќајот на патиштата“, рече Ангеловски и додаде дека РСБСП и натаму ќе биде посветен на нивна заштита на што ќе биде посветено посебно внимание во Втората национална стратегија во Република Македонија 2015-2020.

Министерката Јанкулоска и Ангеловски упатија апел до матурантите за време на матурските прослави да не управуваат со возилата со што ќе придонесат за сопствената безбедност и безбедноста на другите учесници во сообраќајот.